Над 30 убиени во напад пред полициска академија во Јемен

Автомобил-бомба експлодираше пред полициска академија во јеменската претстолнина Сана, при што убиени се околу 30 лица, а повредени над 50.

Експлозијата можела да се чуе во целиот град, а над образовната установа се уште се крева црн чад, пренесува БТА.

Нападот бил изведен кога пред зградата се собирале десетици кандидати за прием во академијата.

Западните медиуми коментираат дека безбедносната ситуација во Јемен е влошена откако во 2011 година народното востание доведе до смена на владата и предизвика поделби во армијата. Групата „Ал Каеда на Арапскиот Полуостров“ е едно од најактивните крила на организацијата и извршител на голем број напади. Западните држави стравуваат дека континуираната нестабилност може да ја ослаби Владата и да и даде можност на „Ал Каеда на Арапскиот Полуостров“ да почне да дејствува и надвор од Јемен.

Од почетокот на годината, во Јемен загинаа десетици припадници или службеници на безбедносните сили. Последниот голем терористички акт беше изведен во понеделникот, до зграда на приврзаници на движењето „Ансар Алах“ (шиитски бунтовници, припадници на хуси), кога во експлозијата загинаа повеќе од 30 лица, потсетува агенцијата ТАСС. Хусите контролираат голем дел од Јемен, вклучувајќи ја и престолнината и се сметаат за непријатели на сунитските вооружени групи, вклучувајќи го и јеменското крило на Ал Каеда.