Над 4.000 жртви во конфликтот во Украина

Повеќе од 4.000 лица го загубиле животот, а десетици илјади се повредени од почетокот на конфликтот во источниот дел на Украина, изјавил специјалниот претставник на ОБСЕ за Украина, Хајди Таљавини.

– Загинале повеќе од 4.000 луѓе, десетици илјади се повредени, а стотици илјади биле принудени да го напуштат регионот, истакна Таљавини на седницата на Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена.

Според неа, шансите за решавање на конфликтот се уште се нејасни.

– Кризата и понатаму е опасна не само поради стабилноста во реонот. Доколку не пристапиме сериозно кон неа, таа може да ја загрози и Европа, предупреди Таљавини.

Примирјето кое беше прогласено во источниот дел на Украина не го прекина насилството. Според ОН, од почетокот на примирјето се убиени вкупно 957 лица.

Таљавини повика за целосен политички дијалог за наоѓање решение, кој може да се води на официјално ниво, но и на округла маса со повеќе учесници кои ќе ги претставуваат дадените области.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.