Над 5.000 грчки државни службеници под истрага – префрлиле 1,5 милијарди евра во странство

Над 5.000 грчки државни службеници ќе се најдат под истрага за нивните трансфери на пари во странски банки, во вредност од околу 1,5 милијарда евра, објави весникот „Катимерини“, пишува МИА.

Според податоците на грчкото Министерство за административна реформа, од 5.260 државни службеници или членови на нивните семејства, кои ги извршувале трансферите на пари, приближно половината биле вработени во образовниот сектор, а останатите главно во здравството, одбраната, финансиите и други.

Министерот за административна реформа Кириакос Мицотакис, издаде наредба службата за инспекција и контрола во државната администрација да направи проверки, по што е утврдено дека 415 од посочените над 5.000 службеници неодамна по различни основи ја напуштиле државната служба.

Во соопштение на Министерството се забележува дека истрагата се очекува да го опфати речиси целиот државен сектор, со исклучок на категориите кои не подлежат на неговата јурисдикција, како што се судиите, полицајците, или припадниците на крајбрежната стража.

Фотис Кувелис, лидерот на малата партија Демократска левица (ДИМАР), која пред извесно време ја напушти владејачката коалиција, и други петмина пратеници од неговата партија, побараа од Владата да се изјасни дали грчките власти ги истражуваат тврдењата на швајцарските обвинители дека грчки бизнисмени переле пари преку швајцарски банки.