Над 5.000 пензионери ќе одат на бесплатна бањска рекреација

Над 5.000 пензионери годинава ќе заминат на бесплатна бањско-климатска рекреација. За оваа намена, Владата од буџетот одвои 38 милиони денари.

-Периодот во кој пензионерите ќе може да ја користат оваа бесплатна услуга е во интервалот од месец март до месец ноември 2015 година. Престојот ќе биде овозможен во рамките на 4 бањи на територијата на Република Македонија, и тоа во Катланово, во Дебар, во Гевгелија и во Бања Бањско. Пензионерите кои ќе се здобијат со право на користење на услугата оваа година ќе може да користат 6 полни пансиони- ноќевање со три оброка дневно, бањска терапија, здравствен преглед и превоз, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Министерството за труд и социјална политика ќе објави официјален оглас до крајот на овој месец на кој ќе може да аплицираат сите пензионери кои се заинтересирани да ја користат оваа услуга.

-Она што е карактеристично да се истакне за овој оглас, е дека во рамките на опфатот, покрај тоа што ќе бидат опфатени сите пензионери, своевиден приоритет ќе биде даден на пензионерите кои во текот на својот работен стаж работеле во рудници, и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок степен на општа неспособност за работа, но како што кажав на почетокот ќе бидат опфатени пензионери од сите категории, додаде Ѓорѓиев.

До сега, во период од 4 години, оваа бесплатна услуга ја искористиле 27.430 пензионери.

-Покрај тоа што на овој начин се обезбедува грижа за категоријата на население пензионери и стари лица и се влијае на подобрување на стандардот и квалитетот на живот на припадниците на оваа категорија граѓани, проектот истовремено има позитивни ефекти и за развој на бањско климатскиот туризам во Република Македонија. Средствата кои се искористуваат за оваа намена, за покривање на трошоците за овој проект, и кои државата ги исплатува кон бањите се средства кои претставуваат значително учество во вкупниот обрт на средства во бањите, и на тој начин се помага за обезбедување на работа за бањите, за нивната дејност, за задржување на постојните, но и за отворање на нови работни места.

Владата во идниот период, најави Ѓорѓиев, согласно ветувањата и Програмата за работа, ќе продолжи со реализација и на други проекти кои се од интерес за пензионерите и повозрасните лица.