Над 55.000 повици на „Ало докторе“ досега

На телефонската линија 02/15 123 за медицински совет „Ало докторе“ изминатата недела се регистрирани 1.280 повици. Од воведувањето на линијата во септември минатата година досега имало  55.313 повици, соопшти Здравствен дом Скопје.

Линијата е достапна секој ден 24 часа со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација во моментот на појава на какви било симптоми на нарушување на здравјето.

Дваесет и пет доктори се достапни за медицински совет за јавувањата кои се од граѓани од сите градови на Македонија.

Јавувањата се за широк спектар на најразлична симптоматологија, најчесто за кардиоваскуларни и респираторни симптоми, главоболки, зголемена телесна температура, стомачен вирус и симптомна болка.

На сите оние лица кои побарале медицински совет на телефонската линија „Ало докторе“ им е дадена здравствена помош со совет и соодветна симптоматска терапија.