Над 6.000 јавувања на „Ало докторе“ за четириесет дена

На телефонската линија „Ало докторе!“ во изминативе 40 дена се регистрирани вкупно 6.080 јавувања.

Секојдневно околу 150 граѓани се јавуваат на овој телефонски број за медицински совети или консултации за определена здравствена состојба.

Најголем дел од телефонските повици се однесуваат на здравствени потешкотии со главоболки, стомачни тегоби, зголемена телесна температура, покачен крвен притисок, респираторни или други симптоматски болки.

Повикувачкиот центар е лоциран во Итната медицинска помош во рамки на Здравствен дом Скопје, а телефонската линија е достапна 24 часа.

Во центарот се ангажирани вкупно 17 доктори-специјалисти од различни области, меѓу кои: општи лекари во пензија, интернисти, оториноларинголог, педијатри, епидемиолози, физиотерапевт, неонатолог и др. Покрај нив, во проектот се вклучени и директорите на универзитетските клиники, кои еднаш месечно работат по една смена од 4 часа.

Откако е воведена телефонската линија „Ало докторе“, забележано е растеретување на итната медицинска помош од консултативни разговори.