Над 6.000 невработени лица добиле грант за сопствен бизнис

Од идеја до реализација, со мерката за самовработување која ја нуди владата се отвора реална можност за старт на сопствен бизнис. За само осум години, 6.775 невработени регистрирале свој бизнис и добиле грант, а биле вработени вкупно 6.885 лица. Во периодот што следува 400 невработени кои имаат бизнис идеја ќе добијат пари за да формираат сопствен бизнис. Доколку бизнис идејата е издржлива, секој од нив ќе добие по 200 илјади денари. За 400 мали компании Владата обезбеди 84 милиони денариa, анализира Лидер.

Експертите сметаат- само со изразена проактивност, лично вложување и основање сопствени бизниси, може да се влијае на намалување на невработеноста, но и да се подобри бизнис климата во земјата.

За оваа година, преку Програмата самовработување се обезбедени 202 милиони и 454 илјади денари од Буџетот на Владата со кои е планирано да бидат опфатени 960 невработени лица, соопшти вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Статистиката вели- 70% од новоотворените бизниси со помош на владините мерки успешно функционираат. За мерката самовработување особено се заинтересирани младите до 29 години и жените. Преку 35 проценти, односно 2.426 од основачите на микробизниси преку програмата за самовработување се жени, а 31 процент или околу 2.070 се млади претприемачи на возраст до 29 години.

Програмата за самовработување повеќе од успешна- претприемништвото во подем

Целта на Програмата, според министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, е да се поддржат  невработните лица во основање на сопствена фирма, формализирање на веќе постоечка неформална дејност и создавање дополнителни вработувања.

Според надлежните, Програмата за самовработување како мерка од оперативиот план има за цел да го поттикне претприемништвото, а фактот што не постои општина во земјава во која не се основале мали бизнис претпријатија преку оваа програма, говори дека програмата поттикнува создавање на економски субјекти на територијата на целата државата.

Програмата вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис план и регистрирање дејност, неповратни грантови во форма на опрема и  материјали и менторство за време на започнувањето на бизнисот. Посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години со опфат за годинава на минимум 266 лица и буџет за грантови во износ од 60 милиони денари.

За една недела треба да се зпочне со регистрација на првите бизниси од планираните 500 за првиот циклус за самовработување за 2015 година и со реализација на околу 118 милиони денари за нивно формирање. Агенцијата за вработување исто така има новини во опративниот план за самовработување. Имено, за 32 најиновативни бизниси предвидени се над 240 илјади денари. Додека, пак, 60 компании кои ќе докажат во нивниот бизнис план дека им е неопходно дополнително вработување за уште едно лице ќе им бидат доделени по уште 92.000 денари. Финансиска поддршка ќе има и за занатчиите од Скопје. Над 328 илјади денари, плус бесплатни простории и сметководствени услуги.

Преку мерката за самовработување, според проценките на надлежните годинава треба да се отворат вкупно 960 нови бизниси. Во иднина невработените кои ќе отворат сопствен бизнис ќе добиваат советодавни услуги не само за изработка на бизнис план, туку и за успешен развој на бизнисот.

Аналитичарите се согласни- активните мерки на владата влијаат врз намалување на невработеноста. Интересот за учество во активните мерки се зголемува од година во година. На невработените им се дава помош и поддршка во процесот на барање работа, компаниите финансиски се мотивираат да ангажираат млади луѓе до 29 години преку ослободувањето од плаќање придонеси, се туркаат проектите за преквалификација, стекнување искуство на работно место. Сите заедно ефикасно влијаат врз отворањето на нови работни места.