Над 60 новинари убиени во текот на 2014.

Професии со најголем процент на психопати

Најмалку 60 новинари се убиени во светот во текот на 2014 година при извршување на службените задачи или поради нивната работа, се наведува во извештајот на организацијата за заштита на човековите права „Комитет за заштита на новинарите“.

Невообичаено голем процент, околу една петина од убиените, се меѓународни новинари, иако поголемиот број од новинарите кои добивале закани биле локални, истакнува организацијата, чие седиште е во Њујорк.

Во споредба со 2013 година кога бројот на убиените новинари беше 70, оваа година нивната бројка е помала, но во изминатите три години загинале најмногу претставнци на медиумите, откако во 1992 година организацијата почна да води ваква статистика.

Главен фактор за големиот број убиени новинари е конфликтот во Сирија. Според извештајот оваа година во конфликтот се убиени најмалку 17 новинари, а од избувнувањето на војната во пролетта 2011 година, убиени се најмалку 79 новинари.

Меѓу најстрашните убиства е обезглавувањето на американските новинари Џејмс Фоули и Стивен Сотлоф од страна на групацијата Исламска држава. Двајцата беа киднапирани, додека известуваа за војната.

Во конфликтот во Украина беа убиени петмина новинари и двајца медиумски работници. Тие убиства се првите, регистрирани од Комитетот за заштита на новинарите во Украина од 2001 година досега.

Во 50-дневните борби во Појасот Газа меѓу Израелците и Палестинците загинаа најмалку четворица новинари и тројца медумски работници.

Најмалку петмина новинари се убиени во Ирак, тројца додека известувале за борбите против ИД.

Убиени претставници на медумите првпат од 2007 година се регистрирани и во Парагвај и Мјанмар.

Првпат новинар беше убиен во Централноафриканската Репубпика, која беше зафатена од насилство меѓу христијаните и муслиманите.

И епидемијата на ебола зеде жртви меѓу новинарите. Телата на новинар и двајца медиумски работници беа пронајдени во село во Гвинеја, каде тие известувале за кампањата за информирање на населението за болеста.

Меѓу убиените е и фоторепортерката на АП Ања Нидрингхаус, која беше застрелана додека известуваше за изборите во Авганистан.

Комитетот нагласи дека продолжува да ја истражува смртта на уште најмалку 18 новинари оваа година.