Над 60 отсто од граѓаните незадоволни од работата на Владата

Над 60 отсто од граѓаните не се задоволни од работата на Владата на премиерот Зоран Заев, кој ужива подршка на 35 отсто од граѓаните, а доколку сега би имало избори за неговата партија СДСМ би гласале 19,8 отсто, додека за ВМРО-ДПМНЕ 21,5 проценти, покажува анкетата на Институтот Димитрија Чуповски.

Во периодот помеѓу 25-28 Maj 2018 година Институтот Димитрија Чуповски спроведе телефонска анкета на 1.030 испитаници со цел да ги утврди перцепциите на македонските граѓани за рејтингот на политичките партии и личности. Во истражувањето спроведено на ниво на Република Македонија, беа опфатени сите шест изборни единици, како и повеќе демографски карактеристики на населението вклучително пол и возраст, а исто така беше направена поделба и според руралните и урбани места на живеење при што Скопје е земено како посебна целина, велат од Институтот.

На прашањето „За кого би гласале доколку има избори следната недела“ 30,2 отсто рекле дека нема да гласаат, за ВМРО- ДПМНЕ би гласале 21.5 отсто, за СДСМ 19.8 отсто, за ДУИ 6.3 отсто, за Алијанса за Албанците 3.2 отсто, за БЕСА 2.1 отсто, за ДПА 0.8 отсто, за друга партија 4.0 отсто, а 12.1 проценти од анкетираните не знаат за кого би гласале.

На прашањето „Какво е вашето мислење за Зоран Заев“ 35,5 отсто одговориле позитивно, 44.3 негативно, а 20. 2 отсто рекле дека не знаат.
На прашањето „Какво е вашето мислење за Христијан Мицкоски“ позитивно одговориле 42.2 отсто, а негативно 25.1 отсто, додека 32.7 проценти не знаат што да мислат за лидерот на опозицијата.

Најголем процент од анкетираните, 64, 3 отсто не се задоволни од работата на Владата во изминатата година, наспроти 30.1 кои имаат позитивно мислење, и 5,6 не знаат што би одговориле на ова прашање.

На прашањето „Во каква насока се движи Македонија во изминатата година, правилна или погрешна“ 35,1 отсто одговориле дека е во правилна, а 47.2 дека оди во погрешна насока. Со „не знам“ одговориле 17.7 проценти.
Од Институтот потенцираат дека сите резултати од анкетата подлежат на статистичка грешка од +/- 3 %.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.