Над 62 милиони евра инвестирани во повеќе од 280 спортски објекти

При посетата на општина Дебарца, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски истакна дека владата предводена од владејачката партија изминатите години инвестирала над 62 милиони евра во повеќе од 280 спортски објекти.

Одговорајќи на новинарски прашања, Груевски истакна дека тука влегуваат спорстките сали, фудбалските, мултифункционалните, тениските игралишта,…

– Над 90 спортски сали се веќе завршени, дел се градат, а до крајот на следната година очекуваме повеќе од 110 да бидат целосно завршени. Завршени се 50 фудбалски терени за голем фудбал кои беа дел од нашата програма и ветување, 74 тениски терени, 64 мултифункционални игралишта, како и голем број други спортски објекти меѓу кои и вештачката карпа. Тука не ги вбројуваме спортската арена „Филип Втори“ или СЦ „Борис Трајковски“, нагласи Груевски.

Според него, голем дел од спортските објекти се во завршна фаза, вклучувајќи ги и спортските терени во Охрид кои ги посети вчера.

– Има многу проекти кои се во тек и наскоро ќе се зголеми бројката на инвестиции во спортски објекти кои за волку краток временски период никогаш во минатото не се случувале во Македонија. Верувам дека тие не само што ќе помогнат во иднина за подигнување на спортот, туку ќе помогнат многу и за младите и повозрасните за рекреација. Наместо слободно време да го насочат кон некои несакани работи, пороци како дрогата, алкохолот, коцкањето,…најдобро е кога младите слободното време и енергија ќе ги потрошат на спорт и рекреација, нешто што го подига спортскиот дух, што го подобрува здравјето и што учи добро, а не лошо, подвлече Груевски.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.