Над 67 отсто од пациентите се задоволни од системот „Мој термин“

Висок процент односно 67,6 отсто од пациентите се задоволни од функционирањето на Националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој термин“, покажуваат резултатите од обемното истражување за задоволството на пациентите од функционирањето на здравствениот систем, кое во еден сегмент е фокусирано само на системот „Мој термин“.

Во истражувањето биле опфатени 6.300 испитаници, преку теренска анкета во 68 јавни здравствени установи (универзитетски клиники, општи и клинички болници, здравствени домови).

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција ги презентираше резултатите од истражувањето.

Пациентите се најзадоволни од функционирањето на „Мој термин“ во клиниките за онкологија, за инфективни болести, за дерматовенерологија, општите болници во Кичево и Куманово, Клиничката болница во Тетово и Клиниката по хирушки болести „Св.Наум Охридски“, а високо ниво на задоволство кај пациентите од функционирањето на МојТермин има во здравствените домови во Кратово, Гевгелија, Куманово, Македонски Брод, Крива Паланка, Валандово и Крушево.

Најмалку задоволни од функционирањето на „Мој термин“ се пациентите на клиниките за урологија, за пулмологија, за психијатрија, клиничките болници во Штип и Битола, Општата болница во Охрид, како и во здравствените домови во Штип, Охрид, Струга, Битола, Вевчани, Демир Хисар, Пробиштип и Кавадарци.

Според Тодоров, во јавните здравствени установи каде директорот на ЈЗУ постапува по укажувањата и препораките на Министерството за здравство и тимот од „Мој термин“, задоволството на пациентите од имплементацијата на системот е одлично и обратно, таму каде директорите на ЈЗУ не се фокусирани на оваа реформа и имплементација на системот пациентите се најмалку задоволни. Посочи дека тие ЈЗУ ќе треба да работат сериозно на имплементација на препораките дадени од тимот на „Мој термин“ во Министерството за здравство.

На прашањето Дали сте задоволни од услугата МојТермин и нејзиното функционирање, по повеќе различни параметри, забележително е дека во секоја возрасна група, над 64 отсто од испитаните пациенти се задоволни од МојТермин, а најголемо е задоволството кај возрасната група од 36 до 45 години (70,5 отсто).

 

– Од аспект на етничката припадност, 66,7 отсто од испитаните Македонци се задоволни од услугата, а 76,8 отсто од испитаните Албанци се задоволни, додека кај другите етнички групи процентот е 61,7 отсто задоволни пациенти. Исто така, забележавме дека е најголемо задоволството кај пациентите од Скопје и од руралните населени места низ државата, рече Тодоров.

Истакна дека според резултатите од истражувањето, 69,6 отсто од испитаните пациенти сметаат дека докторите го почитуваат закажаното време за преглед во системот „Мој термин“, додека 30,4 отсто сметаат дека не се почитува закажаното време од страна на докторите.

– Резултатите покажуваат дека пациентите сметаат дека најмногу се почитува закажаното време за преглед од страна на докторите на: Клиника за дерматологија, Општа болница Кичево, здравствените домови во Кратово, Кичево, Ростуше, Куманово и Македонски Брод. Голем дел од пациентите сметаат дека докторите го почитуваат времето за преглед и на клиниките за онкологија, за инфективни болести, за ендокринологија итн., потенцира Тодоров.

Од друга страна, резултатите покажуваат дека најмалку се почитува закажаното време за преглед на клиниките за пулмологија, за неврологија, за урологија, во општите болница во Охрид и во Струга.

– Огромен дел од испитаниците (88,5 отсто) одговориле дека не се случило да дојдат на преглед, а докторот да не е присутен во амбуланта, без никакво претходно известување. За целокупното функционирање на системот „Мој термин“, потребно е не само почитување на закажаните термини од страна на докторите, туку и доследно почитување од страна на пациентите, истакна Тодоров.

Резултатите од спроведеното истражување на задоволството на пациентите од функционирањето на системот „Мој термин“, ќе бидат објавени и достапни на веб страната на Министерството за здравство. Истражувањата од ваков тип, појасни министерот, претставуваат добра можност за детектирање евентуални слабости во функционирањето, со цел да се фокусираме на нивно исправање и целокупно унапредување на системот.

– За потсетување, според рангирањето на Европскиот здравствен потрошувачки индекс, Република Македонија оствари напредок од 11 места за само една година, што е историски најголем напредок откако е воведено рангирањето,  а токму една од клучните реформи која нè искачи високо на европската скала е електронскиот систем „Мој термин“, рече Тодоров.

Додаде дека овој систем е оценет како уникатен систем и реформа што ја препорачуваат за имплементација во повеќе европски земји, имајќи предвид дека овозможува во реално време добивање на податоци за пациентите, докторите, здравствените услуги, кои се исклучително значајни за градењето на здравствената политика на државата.