Над 70 илјади компании ќе изберат свој снабдувач на електрична енергија

Од почетокот на идната година над 70 илјади компании ќе можат да одберат свој снабдувач на електрична енергија во третата фаза од либерализацијата на пазарот на електричната енергија. Станува збор за мали и средни фирми и институции кои досега електричната енергија ја плаќаа по регуларна тарифа.

„Новите учесници на пазарот, со оваа реформа што ја спроведуваме со целосна поддршка на Владата, ќе добијат можност да ги намалат своите трошоци за електрична енергија. На македонскиот пазар има седум снабдувачи со електрична енергија. Новите потрошувачи на либерализираниот пазар ќе можат да изберат еден од тие седум регистрирани снабдувачи со електрична енергија. Конкуренцијата меѓу снабдувачите треба да донесе пониски цени за потрошувачите, што во значајна мерка може да им ги намали трошоците во работењето и да го направи поконкурентни во дејностите со кои се занимаваат. МЕПСО преку Операторот на пазарот одговорен за организирање и управување со пазарот на електрична енергија е подготвен во целост да ја спроведе и третата фаза од либерализацијата,“ изјави Кирил Ачкоски, директор на Операторот на пазар на електрична енергија (ОПЕЕ) составен дел од МЕПСО.

Според него, мора да се знае дека квалитетот на електрична енергија што ја купуваат потрошувачите не зависи од снабдувачите туку исклучително од операторите на преносната и дистрибутивна мрежа.

Според проценките на ОПЕЕ во третата фаза учевството на електричната енергија што се тргува по пазарни цени ќе порасне за 20 отсто и ќе надмине 60 отсто од целата потрошувачка на електрична енергија во земјава.

Во претходната фаза од процесот на либерализација од април годинава, 238 компании беа снабдувани на либерализираниот пазар на електрична енергија.