Над 71 отсто од граѓаните сакаат референдум за промена на името

Високи 71,4 отсто од македонските граѓани сметаат дека треба да има референдум за промена на името, а 25,2 отсто мислат дека не треба да има референдум, покажуваат резултатите од анкетата на МЦМС и Институтот за демократија што ја објавува Телма.

На прашањето кога треба да се спроведе референдум, 48,8 отсто велат дека треба пред да се постигне договор со Грција, 25,5 отсто при влез во ЕУ, а 10,5% при влез во НАТО.

Резултатите од анкетата покажуваат и дека на референдумското прашање дали е прифатливо името Република Горна Македонија, негативно одговориле 50,2 отсто од анкетираните, а позитивно 41,4 отсто.

Анкетата исто така покажува дека повеќе од половина од македонските граѓани сметаат дека терминот Македонија треба да го користат двете страни, и Македонија и Грција, односно никој да нема ексклузивитет. Според резултатите, 53,4 отсто од анкетираните граѓани рекле дека ниту една од страните не треба да има ексклузивно право на терминот Македонија, додека 33,6 отсто се изјасниле дека само Македонија треба да го користи тој термин, а 0,4 отсто рекле дека Грција има ексклузивно право на терминот Македонија.

На прашањето за промена на името во контекст на евроатлантските интеграции на Македонија 49,7 отсто сметаат дека евроатлантските интеграции се поважни, но со зачувување на идентитетот, културата и јазикот, а 35 отсто се изјасниле дека зачувувањето на името е поважно од евроатлантските итеграции.

Што се однесува до тајмингот за примена на евентуалниот договор за името, 37,8 отсто се изјасниле „никогаш” бидејќи се против промена на името, 35,6 отсто сметаат дека договореното име треба да се применува од моментот кога ќе станеме членка на ЕУ и на НАТО, додека 22,8 отсто рекле дека договорот за името треба да почне да се применува веднаш, без оглед на членството во ЕУ и НАТО.

Инаку, анкетата е спроведена на терен, во периодот од 5 до 20 април на репрезентативен примерок од 1.004 лица, а 47,1 отсто од нив се изјасниле дека не прифаќаат никаква промена на името, додека за 40,8 отсто најмалку прифатливо решение е ерга омнес.