Над 760 милиони евра извоз на компаниите инвеститори во индустриските зони

Над 760 милиони евра се очекува да биде извозот што до крајот на годинава ќе го реализираат компаниите-инвеститори кои моментно работат во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) „Штип“, „Скопје 1“ и „Скопје 2“, истакна денеска директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо.

Тој нагласи дека бројот на вработени годинава во зоните достигна 2.500 за разлика од лани кога беше 1.270. Проекцијата за 2014, само од постоечките капацитети, е 3.500 вработувања.

„Наредната година извозот ќе се зголеми за 50 отсто и ќе достигне до 1,2 милијарди евра. Потенцијално, учеството на извозот од индустриските зони во вкупниот македонски извоз може да биде една третина“, рече Мизо, додавајќи дека до 2015-та година во земјава функционални ќе бидат сите 14 индустриски зони.

Почнати се активностите од првата фаза за зоните во Кичево, Гевгелија и Прилеп, рече Мизо, а поставен е и камен-темелникот за зоните во Струмица и Тетово. Догодина ќе се реализираат и активностите за зоните во Радовиш, Струга, Делчево, Берово и Виница.

Мизо, реферирајќи за сработеното оваа година, посебно го истакна отворањето на вторите производствени капацитети на „Џонсон Контролс“, „Џонсон Мети“ и „Технохозе“, како и почетокот со работа на „Ван Хул“. Изградба на втор производствен капацитет, посочи Мизо, најави и „Продис“ за април 2014 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.