Над 8.000 повици во кол центарот „Ало докторе“ за два месеци

Повеќе од 8.000 граѓани се јавиле на линијата „Ало докторе“, да побараат лекарски совет, за неполни два месеци откако е ставена во функција.  Телефонската линија е  достпна секој ден , по 24 часа, со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација во моментот на појава на какви било симптоми на нарушување на здравјето.

Во моментот, 22 специјалисти лекари се оперативни во повикачкот центар, а според досегашните резултати, искуството од овој проект е многу позтивно.

Како што наведе директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ, најчесто граѓаните бараат совети од областа на педијатријата, доколку чувствуваат некаква болка, за респираторни и кардиоваскуларни проблеми.
Целта на центарот е да се обезбедат советодавни здравствени услуги, односно консултации и упатства за граѓаните при појава на сипмтоми за кои не е неопходен итен медицински третман (главоболка, настинка, покачена телесна температура).

Работата на овој центар во извесна мерка ја намали и оптовареноста на службата за Итна помош.

„Службите си помагаат една со друга, а има случаи кога доколку лекарите од Итна помош, проценат дека не се работи за ургентен сучај, повикот го префрлаат на службата „Ало докторе“, но и обратно“, вели Вучковиќ.

Според д-р Јованка Костова, од Институтот за јавно здравје, граѓаните се чувствуваат посигурно кога за моменталниот здравствен проблем ќе поразговараат со лекари, а во ургентни состојби, ваквите медицински совети можат да спасат и живот.  

Ваков проект успешно функционира во повеќе земји:  Германија, Ангија, Шветска, Eстонија, Молдавија, Австралија,  САД…