Над 80 лица загинаа во вчерашниот земјотрес во Непал

Над 80 лица загинаа, а повредени се повеќе од 2.000 луѓе, во вчерашниот силен земјотрес во Непал, соопштија непалските власти.

Во потресот, со интензитет од 7,4 степени, загинаа 65 лица во Непал и 17 во соседна Индија, повеќето во државата Бихар, која граничи со Непал.

Најзагрозени области се Долаха и Синдупалчоу, кои се наоѓаат североисточно од главниот град Катманду. Во Синдупалчоу голем број населени места беа разурнати до темел уште од претходниот катастрофален земјотрес на 25 април.

Многу луѓе ја поминаа ноќта под отворено небо, стравувајќи од нови потреси.

Вчерашниот земјотрес предизвикал лизгање на земјиштето во шест области, поради што се очекува билансот на жртвите да биде поголем.

Во последното деноноќие во Непал се регистрирани уште 29 вторични потреси, кои не биле толку силни, тврдат индиски сеизмолози.