Над 90 мртви во земјотресот во Мексико

Бројот на смртно настраданите во катастрофалниот земјотрес кој го погоди ноќта кон петокот Мексико се искачи на повеќе од 90, а во јужната држава Оахака потврдена е смртта на 71 човек, објавија во неделата локалните власти.

„Само во Оахака има 71 мртов“, изјави портпаролот на државната служба за идни ситуација Жезус Гонзалес. Најмалку 15 лица загинале во соседната сојузна држава Чијапас, според локалните власти, а уште четири лица загинале во северната држава Табаско.

Мексиканските спасувачки служби ноќта кон неделата по средноевропско време ја прекинаа потрагата по преживеаните во градот Хучитан, најмногу настрадан во земјотресот во којшто, според најновите податоци загинале најмалку 65 мртви, на коишто треба да се додадат и двете жртви во налетот на ураганот Катја.

Цела ноќ, и покрај непрестајното треперење на почвата, спасувачите, војници и полицајци ги пребаруваа урнатините во споменатата општина во мексиканската сојузна држава Оахака, во јужниот дел од земјата, опустошен во земјотресот со магнитуда од 8,2 степени по Рихтер од ноќта кон петокот, најсилниот во последните сто години.

Овој град со 100.000 жители, опкружен со планини и тропска вегетација, беше најпогоден со најмалку 37 мртви.

„Повеќе нема никој под урнатините. На повеќето преживеани помош веднаш им пружиле семејствата и соседите“, изјави за медиумите Роберто Алонсо, координатор на спасувачките екипи.

По ударот на најсилниот земјотрес, регистрирани се повеќе од 720 последователни потреси, од кои над 450 со магнитуда меѓу 6,1 и 6,3, соопшти мексиканската сеизмолошка служба.

Епицентарот на потресот кој го погоди југот на Мексико и во кој се повредени повеќе од 200 луѓе, бил во Тихиот Океан, околу 100 километри од Тонала, во државата Чијапас, на длабочина од 33 километри, објави американската геолошка служба USGS.