Над четириесет тренери аплицирале за селекторската позиција на Македонија

Неочекувано голем интерес има за испразнетото селекторско место на македонската фудбалска репрезентација по смената на Бошко Ѓуровски, кој минатата недела доби отказ поради лошите резултати во квалификациите за Европското првенство во 2016 година во Франција.

Фудбалската федерација на Македонија веќе почна со активностите околу ангажирањето нов селектор. Меѓу пријавените кандидати, има тренери од Македонија и од странство.

Комисијата предводена од претседателот на ФФМ, Илчо Ѓоргиоски, потпретседателот Муамед Сејдини и членот на УО на ФФМ, Димитар Џонов, во следниот период има задача да го одбере најсоодветниот тренер од вкупно 45 пријавени.

– Досега во ФФМ пристигнаа 45 пријави од заинтересирани кандидати за селекторската функција со нивните генералии. Меѓу пријавените има стручњаци од Македонија, но и од странство, а за конкретни имиња во моментов не би сакал да зборувам бидејќи работите уште се во почетна фаза, вели Ѓоргиоски.
Следниот натпревар на Македонија е закажан на 14. Јуни, но од ФФМ најавија дека изборот на нов предодник на репрезентацијата ќе се случи порано за тој да има време да го запознае нашиот национален состав.