Ќе се гради скијачки центар на Галичица

Рекреативниот центар Галичица ќе се гради над автокампот Градиште во Охрид, се предвидува со физибилити студијата која што ја изработи канадската компанија „Екосајн Маунтин Ризорт планерс“.

„Таа физибилити студија ја изведуваше една од најреномираните куќи за градење на скијачки центри од Канада. Студијата  покажа дека е изводливо да се изгради скијачки центар на Галичица.  Беа посочени  неколку локации за изградба на скијачки патеки од кои се избра една .Потоа  се пристапи кон изработка на Мастер план,  кој го изработува истата канадска фирма која согласно договорот истиот  мора да го заврши до крајот на месец април годинава , рече градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Основниот проект би требало да се изработи најдоцна до април оваа година бидејќи физибилити студијата покажа изводливост за изградба на ваков скијачки центар на планината. Проектот најверојатно ќе се реализира преку концесија, преку избор на приватен инвеститор кој што ќе го гради центарот и ќе управува со него во определен временски период.

Инаку, веќе  е формиран тим  кој ќе работи на промоција на скијачкиот центар како и тим кој ќе ја следи целата реализација на проектот.

„Во овој момент се работи на објавување оглас за пројавување на јавен интерес во кој ќе бидат вклучени и економските промотори во Владата на Република Македонија кои  што ќе го промовираат овој скијачки центар  на потенцијалните инвеститори насекаде во Светов. Тој оглас ќе трае до крај на  месец мај, односно почеток на јуни годинава. Во меѓувреме ќе заврши  изработката на Мастер планот  и веднаш после тоа би требало да биде распишан  тендер за издавање под концесија  на овој скијачки центар за сите кои ќе покажат интерес  да инвестираат во  негова модерна изградба“ ,потенцира градоначалникот Бакрачески.

На средината на оваа година, откако ќе се утврди колкав е интересот на домашните и странските компании за овој проект, ќе се објави тендер за избор на концесионер за изградба на овој центар.

Изградба на еден ваков скијачки центар за Охрид и за целиот регион ќе значи огромна можност за дополнителна туристичка промоција и можност за цело- годишно практикување на туризам во охридско- преспанскиот  регион.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.