Над сто градови сакаат да станат новото седиште на Amazon

Повеќе од сто американски градови сакаат компанијата Amazon кај нив да го изгради своето второ седиште, бидејќи овој интернет гигант планира во таа централа, којашто ќе биде потполно еднаква со веќе постојната во Сиетл, да вложи 5 милијарди долари и да отвори 50.000 нови работни места.

Од Amazon на 7-ми септември објавија дека бараат локација за своето второ седиште, а сите заинтересирани градови мораа до четвртокот да ги предадат своите понуди. Одѕивот е голем, бидејќи тоа вложување ќе создаде и десетици илјади други работни места во градежништвото и во околната заедница.

Повеќе од 100 градови изразиле интерес да станат дом на второто седиште на Amazon, велат извори од компанијата. Меѓу другите се и Бостон, Мајами, Остин, Далас, Чикаго, Кливленд, Оклахома Сити, Солт Лејк Сити, Њу Џерси, Питсбург, Канзас Сити, Феникс, Нешвил, Мемфис, Детроит…..

Во повикот до заинтересираните Amazon, меѓу другото, наведе дека бара градско подрачје со повеќе од милион жители, стабилно и поволно деловно опкружување, близина на меѓународен аеродром и главни сообраќајници, достапност на јавниот транспорт, како и постоење урбани и приградски подрачја коишто имаат можност за привлекување и задржување на талентите за техника.

Во седиштето на Amazon во Сиетл, во моментов има повеќе од 40.000 вработени, кои се сместени во 33 згради.

Оваа најголема светска компанија за интернет тргување се проценува дека во Сиетл во периодот меѓу 2010 и 2016 година вложила 38 милијарди долари, и се верува дека нејзиното присуство довело до раст на бројот на оние најголeми американски компании кои се решиле во овој град да ги преместат своите истражувачки и развојни центри.

Додека новото седиште на Amazon претставува атрактивна можност за многу градови и региони, компанијата веројатно за возврат очекува милијарди долари во вид на поттикнувања, субвенции и даночни олеснувања.

Повеќето градови во тајност ги држат поединостите од своите понуди, но според локалниот весник St Louis Post-Dispatch од сојузната држава Мисури, градот Њу Џерси со цел да го постигне договорот понудил 7 милијарди долари даночни олеснувања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.