Над триесет жртви во земјотресот во Папуа Нова Гвинеја

Повеќе од 30 лица загинале во силниот земјотрест со магнитуда од 7,5 степени по Рихтер кој го погоди централниот дел од Папуа Нова Гвинеа, според првичните податоци на локалните медиуми објавени во вторникот, додека спасувачките служби настојуваат да се пробијат до погодените планински подрачја.

Силниот потрес е регистриран на 90 километри јужно до Поргера Валеј на длабочина од 35 километри, во 17,45 часот во понеделникот по средноевропско време, но извештаите за штетите и жртвите не беа достапни до вторникот.

Во вторникот локалните медиуми известија дека најмалку 13 луѓе загинале во главниот град Менди во покраината Јужна висорамнина, а за уште 18 се верува дека ги загубле животите во блиските Катубу и Босаве. Околу 300 лица се повредени, според истите извори.

Телефонските линии во поголемиот дел се во прекин, но дневниот весник PNG Post Courier го цитира локалниот свештеник Пуис Хал, кој вели дека најмалку 10 лица, од кои четири деца, настрадале во лизгање на земјиштето предизвикано од потресот.

Ниеден податок засега не е официјално потврден.. Владината екипа за процена, помогната од војската, треба да замине во областа подоцна во вторникот за да ги процени штетите.

„Информациите ќе се објавуваат како што ќе ги испраќаат екипите за процена“, изјави генералниот секретар на владата, Исак Лупари.

Зоната на епицентарот е богата со нафтени и гасни наоѓалишта. Компаниите, меѓу кои и американската „ExxonMobil“, соопштија дека ги проценуваат штетите, а некои фирми евакуираат дел од персоналот. Според екоактивистот Мартин Наморонг оштетените гасоводи и цевките за отпадоци од рудите предизвикале сериозни отровни излевања.