Надал “тоне” на АТП листата

Неуспехот во финалето од Мадрид и загубените бодови, со оглед на фактот дека лани го освои овој Мастерс-турнир, скапо ќе го чинат Рафаел Надал. Имено, Шпанецот по овој неуспех ќе претрпи нов пад на АТП-листата, па така на најновото рангирање Надал од четвртото сега се наоѓа дури на седмата позиција. Ѓоковиќ и Федерер остануваат убедливи на првите две места, Мареј со освоениот трофеј сега е уште “поудобен” на третата позиција, а пред Надал сега се наоѓаат и Раониќ, Бердих и Нишикори.

Ова е прв пат Надал да не се најде меѓу најдобрите шест тенисери во светот уште од мај 2005 година, или точно десет години од моментот кога младиот Рафа ја почнуваше својата доминација на тениските терени ширум светот. Само за илустрација, тогаш на првото место на АТП-листата беше Федерер, а пред Надал се наоѓаа уште и Хјуит, Родик, Сафин, Гаудио и Хенман.

Шпанецот е актуелен бранител на трофејот на Ролан Гарос, па лесно може да се случи тој да остане и надвор од “Топ 10” доколку не успее да триумфира на овој Grand Slam турнир, нешто што е тешко за очекување со оглед на неговите слаби игри сезонава, наспроти одличната форма на голем дел од ривалите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.