Надлежните служби тврдат дека ги следат сите можни безбедносни закани

Првите луѓе на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Љупчо Андоновски, на Агенцијата за разузнавање (АР) Наќе Чулев и претставникот од Военото разузнавање Драган Ковачки денеска на седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на овие тела изразиле уверување дека се следат сите можни закани по безбедносната состојба во врска со тероризмот и со бегалската криза.

Ова го изјави претседателот на Комисијата за надзор над работата на УБК и на АР Хари Локвенец, по завршувањето на седницата.

Инаку оваа седница беше затворена за новинарите, а беше закажана по иницијатива на пратениците од опозицијата со цел надлежните институции да дадат одговор за тоа дали постојат опасности и закани за безбедноста на граѓаните и уставниот поредок на Република Македонија.

Според Локвенец, информациите презентирани од страна на УБК, на АР и на Военото разузнавање за безбедносната состојба од аспект на можните закани од тероризам и бегалската криза, се комплементарни, иако станува збор за информации од различен опсег и ја креираат генералната слика.

Тој им се извини на новинарите дека заради суптилноста на податоците со кои располагале и дискусијата која се водела на седницата на Комисијата, не може да сподели поконкретни информации поврзани со денешната работа на Комисијата.

Од наша страна беше укажано дека не е потребно само да се следат активностите и опасностите, туку мора да бидат превземени поинтензивни мерки за спречување или неутрализирање на можните опасности, нагласи Локвенец, додавајќи оти се инсистирало на превенирање на можните потенцијални проблеми кои би се појавиле следниот период, посебно водејќи сметка за договорот помеѓу ЕУ и Турција.

На новинарско прашање од каде доаѓаат заканите по безбедноста дали од јужната или од северната граница, Локвенец истакна дека не може да се каже таква дефиниција кога генерално се говори за тероризам.

Кога зборуваме за бегалската рута, искуството ни вели станува збор за јужната граница. Но, вниманието мора да биде свртено на сите страни, рече претседателот на Комисијата за надзор над работата на УБК и на АРМ.

Локвенец потсети дека ДУИ немаше свој претставник на денешната седница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.