Анализи

Најбрзо растечка светска економија Нафтата и какаото добитна комбинација за Гана

Нафтата и какаото добитна комбинација за Гана

Гана, држава во Западна Африка,  беше во криза од осумдесеттите години на минатиот век осакатена од гладот кој следеше по серијата воени удари во земјата. Но од 1992 година Гана спроведува мирни избори и нејзината иднина сега изгледа посветла отколку што беше пред десет години. За ваквата состојба значително придонесе и откривањето на големи резерви на нафта.

Со сегашниот скок на цените на нафтата и брзото ширење на производството на нафта во земјата, Гана наскоро ќе може да постигне нешто за кое никој не се надеваше. Според Светската банка, Африканската банка за развој, ММФ и Институтот Брукингс, Гана годинава најверојатно ќе стане една од најбрзо растечките економии во светот.

 

Проектираниот раст во 2018 година се движи меѓу 8,3 и 8,9 отсто и Гана би можела да ја надмине Индија со нејзиниот силен технолошки сектор и Етиопија, која во последната деценија беше една од африканските економии који најбрзо се разбвиваат благодарение на земјоделието и извозот на кафе . Во јануари, берзата на акции на Гана забележала највисока стапка на раст од 19 отсто, наведува „Блумберг“.

Какаото е еден од природните ресурси на Гана па нејзините производители само придонесуваат кон нафтениот бум. Едмунд Поку, директор на „Ниче какао“, вели дека неговата фабрика во Теми, индустриско предградие на Акра, престолнината на Гана, има договори за продажба на целиот прав, путер и табли чоколадо кои планира да ги произведе во 2018 година.

– Оваа е прва година да успееме во тоа – изјави Поку, сопственик на фабриката, во која техничарите седат зад редицата компјутери и машини кои пржат, мелат, пресуваат и мешаат стотици килограми какао секој ден.

 

Неговата фабрика е олицетворение на целите на економистите и технократите ширум Африка, односно локален бизнис кој нуди стотици добро платени работни места и користи најсовремена технологија. Поку двојно го зголеми капиталот на својата фабрика во последните две години и има намера да ангажира уште 100 работници оваа година.

Но економистите и другите експерти ја предупредуваат Гана да го избегне таканареченото проклетство на ресурсите што ги мачи и другите земји кои премногу се потпираат на експлоатација на нафтата и минералите, пишува „Њујорк тајмс”.

Претседателот Нана Акуфо-Адо беше избран на крајот од 2016 година на бранот на незадоволство од состојбата во економијата и вети дека ќе го послуша тој совет па приходите од нафтата ќе ги пренасочи кон образованието, земјоделството и производството за да ја направи економијата поразновидна. Критичарите велат дека програмата за отворање нови фабрики наменети за различни индустрии во секоја од 216 региони во Гана полека се одвива. Растот во финансиите и здравствената заштита заостанува делумно од фактот што владините инвестиции беа ограничени во последниве години, по многу години трошење.

 

 

По иницијалниот нафтен бум во 2011 година, преоптоварените плати и се поголемите долгови и камати доведоа до настанување на буџетски дефицит во земјата кога падна цената на нафтата. Гана допрва треба да докаже дека може да го претвори својот нафтен бум во висококвалитетни работи и одржлив развој.

Сепак, според податоците на Светската банка, стапката на невработеност, иако под просекот од 7,3 отсто во субсахарска Африка, се зголеми од 4 проценти во 2011 година на 5,8 минатата година. При тоа
стапката на невработеност меѓу младите изнесува дури 11,5 отсто.

На улиците на Акра, каде што популацијата се зголеми за речиси еден милион во последните десет години на 2,7 милиони, бидејќи луѓето од селото доаѓаат во градот во потрага по работа, оптимизмот ретко се наоѓа, пишува „Њујорк тајмс”.