Нафтата поскапе на светските берзи

Цената на нафтата на светските берзи на вчерашните тргувања се зголеми, и со тоа марката „Брент“ достигна 47,5 американски долари за еден барел.

Според експертите, од друга страна, пак, на берзите имало намалување на вредноста на курсот на американскиот долар.

Инаку, светските новински агенции објавуваат дека голема е веројатноста земјите производители на нафта да се договорат за ограничување на производството.

Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, во вторникот, изјавил дека една таква спогодба може да биде постигната само со согласност на сите земји производители. Но, тој дополнил дека според него, Иран, кој продолжува да го зголемува производството, може да го спречи постигнувањето на спогодбата.

Истовремено, официјален Техеран објави дека е подготвен да соработува со Русија и со Саудиска Арабија, но само при одредени услови.