Нафтата поскапува

Минимално и незначително, но цените на нафтата на светските берзи денеска се зголемија во однос на оние од вчера, објавува „Ројтерс“, пренесува Нетпрес.

Според денешните тргувања на светските берзи, северноморската нафта од типот Brent се продава за сума од 60,67 американски долари за еден барел, што претставува за 0,56 отсто во споредба со вчерашните тргувања.

Цената на нафтата од типот WTI, пак, се зголемила за 0,86 отсто и сега изнесува 56,12 американски долари за еден барел.

Американската телевизија „Блумберг“ објавува дека цените на нафтата бележат раст поради изјавата на министерот за нафта на Саудиска Арабија, Али ал Наими, кој рече дека намалувањето на цените е последица на недостатокот на соработка меѓу земјите производители, кои не се во ОПЕК.

– Пазарот ќе се опорави, а фосилните горива и во следните декади ќе останат основен извор на енергија, рекол ал Наими.

Според него, земјите производители, кои не се дел од ОПЕК, „ќе сфатат дека е во нивни интерес поддржувањето на стратегијата на високи цени за сите“.

Тој дополнил дека Саудиска Арабија се раководи во своите постапки на пазарот, исклучително од своите економски интереси.