Награда „Струшко изгрејсонце“ за писателот Трајче Кацаров

Писателот Трајче Кацаров ја доби наградата за најдобра книга за деца и млади „Струшко изгрејсонце“ за книгата „Ојле Брада во животинска балада“ во издание на Пинокио од Штип.

Кацаров во својата најнова книга за деца и млади „Ојле Брада во животинска балада“ во центарот на случувањата ги става животните, кои се вклучени и застапени и ликовно и текстуално во книгата. Авторот го определува видот на својата поетска и лирска творба уште во самиот наслов, па вели дека е балада, односно е песна која има епски карактер, па како подолга усмена литературна творба се одликува со истовремено присуство на епски и лирски елементи – искажани често на драматичен начин.

Во животинската балада од Трајче Кацаров дефилираат галерија од ликови и тоа: Раскажувачот, Ојле Брада, Мајка му Опара, Татко му Попара, Зајакот, ловецот Красил, Лавот дремвлив, Слонот ревлив, Мечката, Песот и Крокодилот.

Други дела на Кацаров за деца и млади се: „Сулиндари“ (пиеса, 1995), „Ети ја спасува Тера“ (пиеса, 1997), „Сето друго е помалку важно“ (избор пиеси, 2011) и „Токму на полноќ“ (пиеса, 2013).