Награда за Марко Коловски на конкурсот за музиколошки труд на СОКОМ

На конкурсот за музиколошки труд, овјавен од страна на Сојузот на композиторите на Македонија, жири комисијата во состав: Проф. Стојан Стојков, Проф. Д-р Јане Коџабашија и Проф. Д-р Томе Манчев донесе едногласна одлука според која за победник на конкурсот се избира музиколошкиот труд „Трнливиот пат до успхот- од Гоце до Цар Самуил- оперите на Кирил Македонски (1925-1984)“ чиј автор е истакнатиот музиколог Марко Коловски.
Наградениот  труд е прилично обемен музички есеј, посветен на дел од творештвото на македонскиот композитор Кирил Македонски, во годината кога се навршуваат три децении од неговата прерана смрт. Овој труд, освен ова, е посветен на триесет шеесет годишнината од поставувањето на првата македонска опера („Гоце“), како и на 1000 годишнината од смртта на Цар Самуил, – инспирацијата за втората опера на Кирил Македонски.

Користејќи исклучително богат архивски материјал од времето на создавањето, подготовката и поставувањето на овие две крупни дела од македонската музичка историја, Коловски, благодарение на своето одлично познавање на опусот на Кирил Македнски, како и на широкиот увид во македонското музичко творештво воопшто, создава јасна и уверлива слика за премрежијата низ кои минувал авторот во реализацијата на својот творечки чин. Без намера да суди, тој со голема умешност и научна акрибија ја остварува својата цел, имено да ги опише околностите во кои се случија премиерите на овие два меѓника во македонското оперско (па и музичко) творештво. Да ги среди податоците што постоеја расфрлани на различни страни за да може сликата и заклучоците што може да се изведат од неа да бидат поцелосни и покохерентни. За да можеме уште еднаш, во годината кога се навршуваат шеесет години од премиерата на првата македонска опера „Гоце“ и триесет години од прераната смрт на нејзиниот автор Кирил Македонски да се потсетиме на нив и да им ја оддадеме должната почит.

 

Марко Коловски е роден e на 25.11.1957 година во Струга. Студирал паралелено Музичка теорија и педагогија и Музикологија. Во 1981 година дипломира на МТП, а во 1983 година на одделот за Музикологија, во класата на Проф. Драгослав Ортаков. Постдипломски студии посетувал на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 1990 и 1991 година. Од 1985 година работи во музичката програма на Македонско радио. Од 1987 е Уредник на Редакцијата за класична музика (и од 2012 до денес), а од 1989 до 2000 година е Уредник на Музичката програма на Македонското радио. Од 1997 година е покренувач и главен и одговорен уредник на списанието „Музика„. Во декември 2002 година е именуван за Директор на Ансамблот за народни песни и игри на Македонија – „Танец“. Од 2007 до 2012 е Претседател на Сојузот на композиторите на Македонија. Автор е на книгите „Македонски композитори и музиколози“, Скопје, 1993 (награда „Панче Пешев„ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологија за 1993).; „Корени и цутови“ – Фолклорот во творештвото на Власти­мир Николовски, Скопје, 1996; – „Ex tempore – Охридско лето 1991 – 2001“, Скопје, 2001:  „Есеи за македонската музика“ Скопје, 2009. „ЗОГРАФСКИ“, Скопје, 2011; „47 македонски композитори“ Скопје, 2013-14. Коавтор е на книгите: – “MUSIC IN THE BALKANS”. Tirana, 2001; „Охридско лето 1961 – 1996“ 1996; – „Лексикон опера“, Универзитет уметности, Београд, 2008; „Музика, опера, балет“ – МИ-АН, Скопје, 2008; „50 години Охридско лето“ -(монографија) 2010 година. Коавтор е и во повеќе мултимедијални проекти како: „ENCIKLOPEDIA MACEDONIKA“, Семос мултимедиа, 1999; 2002; 2003; „МУЛТИМЕДИЈАЛНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА НА МАКЕДОН­СКИ­ОТ МУЗИЧКИ ФОЛКЛОР“ (коавтор раководител на проектот); МУЛТИМЕДИЈАЛНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА „КУЛТУРАТА НА МАКЕДОНИЈА НА 20-ОТ ВЕК“ – Министерство за култура, Семос Мултимедија, 2004. Учесник е во енциклопедиски и други проекти: „Енциклопедија БРИТАНИКА“ – македонско издание, 2005; Општа енциклопедија, МИ-АН, 2006; „Енциклопедија на Македонија“, МАНУ (2009) – (член на редакција и автор на 107 единици); Енциклопедија на македонскиот музички фолклор (ракопис). Автор е и на повеќе десетини статии и есеи објавувани во стручни и научни списанија во Македонија и во странство, како и на повеќе од 600 критики објавени во печатот кај нас и на програмите на Македонското радио. Автор е и на голем број циклуси радио емисии, сценарија (или ко-сценарист) за повеќе кореодрами и коавтор е на театарската претстава „Последните Македонци 2012“. Коловски е прв добитник е на наградата „Виртуози“ за најуспешни остварувања во областа на публицистиката во 2012 година.