Македонија

Наградата „Никола Младенов“ отиде во рацете на Љубиша Арсиќ

Наградата „Никола Младенов“ отиде во рацете на Љубиша Арсиќ

Новинарот Љубиша Арсиќ е добитник на првата награда од конкурсот „Никола Младенов“ за најдобрите истражувачки стории во 2014 година на МИМ, за серијалот истражувачки текстови на тема „Тајна фабрика за изработка на пасоши“, објавени во неделникот „Фокус“.

Втората награда ја доби Соња Колевска-Делевска за серијалот истражувачки текстови на тема „Силувањето малолетници во Воспитно-поправниот дом „Тетово“, објавени во дневниот весник „Вест“. Третонаградени се новинарите Владо Апостолов, Сашка Цветковска и Нела Лазаревиќ за сторијата „Победникот на тендерот за Дрисла: ниту искуство, ниту инвестиции“, што е дел од заедничкото истражување на БИРН и ТВ Нова.

Комисијата одлучи да додели две пофалници за истакнат новинарски ангажман на Валентина Стојанчевска за сторијата „Дури 60 граѓани годишно по грешка лежат во притвор“, објавена во неделникот „Фокус“ и на Марија Митевска за сторијата „Земјиштата продадени, хотелите неизградени“, кои се објавена на веб-страницата www.prizma.birn.eu.com

Комисијата додели и признание на Жаклина Хаџи-Зафирова, Владимир Калински и Влатко Стојановски кои ја истражувале темата „Загадувањето на воздухот во Македонија“.

Фото: Телма ТВ