Наградени најдобрите историчари во скопските средни училишта

Bo Салата на Советот на Град Скопје, денеска, свечено им беа доделени наградите на победниците на Првиот натпревар по историја меѓу средните училишта на Град Скопје.

– Градот Скопје преку Секторот за образование веќе трета година традиционално организира и поддржува организирање и реализирање на натпревари по различни дисциплини на ниво на сите средни училишта во надлежност на Градот. Целта на натпреварите е продлабочување на знаењата на учениците во одредени научни дисциплини и поттикнување конструктивен натпревар меѓу учениците за постигнување повисоки образовни цели. Натпреварите по различни наставни предмети се реализираа благодарение на поддршката на Градоначалникот, како и огромната поддршка од училиштата и наставниците како координатори на натпреварите. Се надевам дека наградите кои ќе ги доделиме денеска ќе претставуваат едно големо признание и дополнително ќе ги мотивираат добитниците, но и оние што сакаат да се вбројат во најдобрите на идниот натпревар, континуирано да учат и да вложуваат во подобрувањето на сопствените знаења, истакна Маја Талеска, помошник-раководител во Секторот за образование на Град Скопје.

На натпреварот по историја, што се одржа на 4 декември 2014 година, учествуваа 65 ученици од 17 средни училишта во надлежност на Град Скопје. Натпреварот се одвиваше во 5 училници  во СУГС „Здравко Цветковски“ со по 14-15 ученика кои беа во мешан состав, односно од стручно и гимназиско образование на македонски јазик и од стручно и гимназиско образование на албански јазик.

Тестовите беа направени со прашања изработени од тимот на координатори од сите средни училишта на Град Скопје.

Победници на натпреварот по историја меѓу средните училишта на Градот Скопје се:

– од стручното образование првото место  го освои Тијана Додевска од СУГС „Здравко Цветковски“; второ Мартин Јаќимовски од СУГС „Боро Петрушевски“; а третото место му припадна на Горан Спиревски од СУГС„Васил Антевски-Дрен“.

– од гимназиското образование првото место го освои  Бојана Пешова од СУГС „Раде Јовчевски- Корчагин“; второ  Анастасија Ѓорѓиевска од СУГС „Никола Карев“;  а  третото место Јана Гелевска од СУГС „Раде Јовчевски -Корчагин“.

Натпреварувачите за освоено прво место добија диплома и парична награда во износ од 4 000 денари, за второ  од 3 000 денари, а за трето место од 2 000 денари.