Доделени награди на највисоко рангираните ученици

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска во просториите на Културно-информативниот центар, им додели благодарници и награди на највисоко рангираните ученици на скопските регионални натпревари.

-Поводот за денешната средба е убав и голем. Задоволство ми е што заедно, го одбележуваме овој свечен и убав ден кога се одбележува знаењето и успесите на нашите ученици. Денеска,  со посебен епитет јавно го одбележуваме покажаното знаење на учениците кои беа дел од натпреварите по 12 наставни предмети организирани и спроведени од акредитирани здруженија за организирање натпревари по различни наставни предмети. Сакам да истакнам дека Градот Скопје оваа година за првпат почнува со реализација на „Проектот за поддршка на организирање и реализирање на натпревари во скопскиот регион по различни наставни дисциплини организирани од акредитирани здруженија на ниво на сите средни училишта во надлежност на Градот Скопје“. Целта на натпреварите е продлабочување на знаењата на учениците во одредени научни дисциплини и поттикнување конструктивен натпревар меѓу учениците за постигнување повисоки образовни цели. Натпреварите по различни наставни дисциплини се реализираа благодарение на професионалната организација на акредитираните здруженија, како и огромната поддршка од училиштата и професорите како ментори на учениците учесници на натпреварите. Ценам дека постоењето на акредитирани здруженија за натпревари е прилог повеќе во воспитно-образовните вредности на нашата држава. Несомнено е дека тие вложуваат голем и значаен придонес за усовршување и подобрување на квалитетот на знаењата на учениците.Исполнува чувството, кога можеме да видиме  како натпреварите  полека се формираат во вистински традиционални натпревари, кои и во иднина на уште повисоко ниво во соработка со сите акредитирани здруженија, ќе придонесат за поголем успех на учениците. Особено ми е драго кога резултатите од натпреварите докажуваат дека нивото на знаењата на учениците е високо. Младите се движечката сила на секое општество и затоа нашата заложба е континуирано инвестирање во знаењата на младината. Се надевам дека наградите кои ќе ги доделиме денеска ќе претставуваат едно големо признание и дополнително ќе ги мотивираат добитниците, но и оние кои сакаат да се вбројат во најдобрите за идните натпревари, континуирано да размислуваат и вложуваат во подобрувањето на сопствените знаења. Во оваа пригода им честитам на добитниците на наградите за  учениците со највисок постигнат резултат на натпреварите на скопскиот регион, како и на сите други учесници на натпреварите, истакна градоначалникот Трајановски.

trajanovski-nagradi-ucenici1

Градот Скопје оваа година за првпат реализира проект за поддршка на натпревари по повеќе наставни предмети кои традиционално се спроведувани од aкредитирани здруженија за организација на натпревари во средните училишта на Град Скопје.

Поддршката е наменета за учениците, средните училишта и здруженијата кои се учесници на натпреварите на локално ниво за  повеќе наставни предмети, а со цел поттикнување на натпреварувачкиот дух и продлабочување на знаењата на учениците во различни области преку нивна промоција и наградување.

Исто така, Градот даде поддршка  и на средните училишта организатори/домаќини на скопските регионални натпревари организирани од здруженијата, односно оваа година 3 училишта беа домаќини.

Улогата и соработката на вклучените страни во проектот е дефинирана со  Меморандум за соработка склучен помеѓу Градоначалникот на Град Скопје и Претседателите на  12 акредитирани здруженија за организирање на натпревари по различни наставни предмети, и тоа:

  1. Здружение на наставници по стручни предмети и раководни кадри од електротехничките, машинските и сообраќајните училишта од Р.Македонија.
  2. Здружение на информатичари на Македонија.
  3. Друштво на биолози на РМ.
  4. Асоцијација на наставници по англиски јазик на РМ.
  5. Здружение на класични филолози „Антика“.
  6. Сојуз на друштва за македонски јазик и литература на РМ.
  7. Сојуз на хемичарите и технолозите на Македонија.
  8. Здружение на професори по француски јазик на РМ.
  9. Друштво на физичарите на РМ.
  10. Здружение на наставници по германски јазик и книжевност на РМ.
  11. Сојуз на математичари на РМ.
  12. Македонско географско друштво.

За 55 највисоко рангирани ученици на скопските регионални натпревари им се доделија и парични награди од 4.000 денари.