Наградно прашање: Како сме се ослободиле и како сме се бореле против фашизмот и против турското ропство?

Многу нации во светот пружале отпор и непокор, воделе долги и крвави војни за ослободување од окупатори, тирани, освојувачи, поробувачи, колонијалисти…. како сакате наречете ги во суштина исти се, само што во различни периоди од историјата, различно биле именувани.

Македонската нација, но и другите народи кои живееле на овој простор, исто така.

Дури и оние, кои најмалку ги интересира историјата, знаат дека во тие вековни поробувања на Македонија се случувале бунтови и востанија за слобода.

Сепак и во светот и во Македонија едно нешто е заедничко. Борбата за слобода се водела со оружје в рака. Со жртви. Со крв. Ако тоа било во средниот век, тогаш се земал меч в рака, ако е подоцна, тогаш се земала пушка в рака.

Деновиве јавноста во земјава е преокупирана со подигнувањето на споменикот на Андон Јанев – Ќосето во Скопје. И нормално, секогаш има некои кои се против, и некои кои се за. Се наоѓаат различни аспекти за противење. Почитувам. Но, никако неможам да почитувам некој, кој како аргументиран став против споменикот на Ќосето, го изнесува тврдењето дека тој бил убиец. Поаѓајќи по таа логика, секој револуционер и борец за слободна Македонија, значи бил убиец.

Според кажувањата на мојот дедо, во нашето семејно стебло имаме еден претходник кој се вика Ангеле. Му бил прадедо на дедо ми. Стрико ми бил крстен по него. Ги помагал комитите. Подоцна убил некој Турчин, па целото семејство морало да се пресели, за да се заштити од одмазда на заптиите. Го сториле тоа и мигрирале. Така успеале да се спасат, да куртулат.

Дедо ми, пак, бил активен учесник во Втората светска војна, командувал помала воена единица. Се вклучил некаде во летото во 1941 година. Неговиот брат исто, но бил заробен од фашистите и бил испратен на робија во Тирана. На крајот од Втората светска војна, дедо ми бил еден од оние партизани кои биле 14 денови затворени на скопското Кале, оти сакале да одат да го ослободат Солун.

Кажуваше за борбите против Германците и балистите. Потоа за Сремскиот фронт. За борбите против четниците низ Србија. Никогаш не кажа колку убил. Дали тоа биле Германци, балисти, четници… И не е воопшто важно. Тој не е убиец. Ако е убиец тогаш и Андон Јанев – Ќосето е убиец. Се бореле за слободна Македонија. Но, дедо ми не е уникатен случај. Македонија дала илјадници партизани за време на Втората светска војна. Сите тие учествувале во битки.

Верувам дека и оние кои се против споменикот на Ќосето, кои тврдат дека тој бил касапин и убиец, да прочепкаат по свето семејно стебло, сигурен сум дека ќе најдат некој свој предок партизан или комита, кој активно учествувал во борби за да ја ослободи Македонија.

Еден од најгласните противници на ликот и делото на велешанецот Андон Лазов Јанев – Ќосето е Бранко Героски, уредник на весникот „Слободен Печат“ и на порталот „Плус Инфо“. И тоа со аргумент дека Ќосето не бил идеолог, туку убиец. Извршител на наредбите на идеолозите. И дедо ми не бил идеолог на Комунистичката партија на Македонија. Ниту пак, неговиот прадедо Ангеле бил идеолог на ВМРО. Двајцата извршувале наредби. Зарем биле убијци? Верувам дека и дедо му на Героски бил партизан и учествувал во Втората светска војна. Зарем и тој бил убиец и касапин, а Героски?

Па, што си мислиш ти Героски, дека тука во Македонија некој дошол и не’ ослободил од поробувачите, додека ние Македонците и останатите народи кои живеат на овој простор, сме седеле со цвеќиња в рака? Или, пак, можеби вртеле ора и пееле песни за да го изнервираат тиранинот и тој револтиран и самоиницијативно да си замине? Можеби секојдневно го играле тешкото?

Те молам одговори ми на следново прашање:

Како сме се ослободиле и како сме се бореле против фашизмот и против турското ропство?

а) со песни и со ора

б) со штрајк со глад

в) со пасивен отпор

в) со насмевки и љубов

г) со крвави борби, војни и жртви

 

П.С. За точниот одговор следува награда