Најава за блокада на Брисел поради штрајк на синдикатите

Унијата на синдикални организации на Белгија за денеска во главниoт град Брисел закажа масовни демонстрации против построгите правила на работен однос, што е најавено дека ќе се воведат од страна на новата белгиска Влада предводена од премиерот Шарл Мишел.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, поради овие демонстрации на кои се приклучуваат и вработените во јавниот транспортен сектор, јавниот транспорт во Брисел ќе биде прекинат.

Како што објавија од белгискиот синдикален фронт, концентрацијата на демонстрациите треба ќе биде кај станицата Луксембург во близина на Европскиот парламент, а движењето ќе се одвива на главната европска улица Арт-Лоа, каде се наоѓаат Европската комисија и Европскиот совет, но и каде се наожа Владата на Белгија и канцелариите на премиерот Мишел, каде ќе бидат централните протести.

Дел од протестите веќе започнаа утринава, но околу пладне се очекува главниот протест, поради што се очекува целосен застој на сообраќајот во центарот на Брисел меѓу 11 и 13 часот. Покрај метрото, автобусите и трамваите во Брисел денеска нема да циркулира и железничкиот сообраќај, бидејќи и вработените во железницата поднесоа штрајк најава.