Најавена детална истрага за исчезнувањето на Дениса

Грчкото обвинителство ги примило извештаите на полицијата и крајбрежната стража за исчезнувањето на прилепчанката Дениса Маркоска (23), потврдиле од канцеларијата на обвинителот на Kрит за македонското МНР. Од Министерството велат дека македонските дипломати во Атина се во постојан контакт со грчките колеги, кои рекле дека обвинителството води детална истрага. Kритскиот обвинител објаснил дека по разгледување на целата документација ќе биде познато дали ќе биде отворена истрага за евентуално убиство или случајот ќе биде затворен како несреќа, а Маркоска ќе биде прогласена за исчезната. Во документацијата се изјавите на екипажот, кои први ќе бидат разгледани од обвинителството, а ќе се проверуваат и телефонските повици од мобилниот на Маркоска. Истрагата треба да утврди зошто не е сопрена пловидбата и алармирана крајбрежната стража веднаш откако било утврдено дека исчезнало лице од „Серенисима“, пишува Дневник.

Според тоа што е познато досега, Маркоска со поголем број членови на екипажот била на палубата, каде што останала до 2 часот. Нејзин колега ја видел последен пат околу 3 часот како пуши цигара. Дениса утрото во 5.30 часот не се јавила на работното место, по што почнала потрагата. Во тоа време бродот пловел од островот Родос кон островот Kрит. Откако бродот бил пребаран, а Маркоска не била пронајдена, капетанот на „Серенисима“ се јавил во полицијата и го пријавил нејзиното исчезнување. Потоа Центарот за координација, истражување и спасување издал наредба да почне потрага по Дениса, во која освен полициски, биле ангажирани и приватни бродови и глисери, како и хеликоптер.