На македонските компании им се отвара нов пат за пласман на производи

На штотуку одржаниот самит Русија – АСЕАН (19-ти и  20-ти мај 2016 година) во Сочи, беше донесена Сочинската декларација во која е формулирана нужноста од развивање на комплексни односи  меѓу Москва и државите членки на оваа организација, што во крајна линија треба да донесе до стратешко партнерство. Истовремено, усвоен е и комплексен план на делување во наведениот правец.

На самитот во Сочи насловен „На патот кон стратешко партнерство заради заедничка корист“, присуствуваа  рускиот претседетел и премиер,  Владимир Путин и Димитриј Медведев, како и претседателите или шефовите на владите на  државите – членки на АСЕАН. Во Сочи се собраа и дебатираа  и 350 претставници на бизнис-елитата, економисти и стручни лица од Русија и од АСЕАН.

Македонско-руската стопанска комора, во светлото на потпишувањето на Сочинската декларација и самитот кој во крајна линија треба да резултира со воспоставување на зона на слободна трговија меѓу Русија и Југоисточна Азија, оценува дека ова за  македонските компании треба да биде сигнал за значително поагресивно настапување на Рускиот и пазарот на Евроазиската економска унија, со оглед на најавите за воспоставување на поцврсти економски сојузи. Тие, всушност,  отвораат пат за пласман на македонските производи на огромни пазари со неисцрпни  можности. Посебно треба да се искористат сите можности за воспоставување на стратешко партнерство со руски и компании од Евроазиската економска унија, заради заеднички настап на овие пазари.

Македонско-руската  стопанска комора во овој правец ќе им ја даде подршката на своите членки и на сите заинтересирани компании  и своите активности ќе ги дизајнира во правец на остварувањето на оваа цел, со оглед на сега веќе создадените  добри перспективи и  за либерализација на трговските односи меѓу Евроазискиот економски сојуз и АСЕАН.

АСЕАН (The Association of Southeast Asian Nations или Сојуз на држави од Југо-источна Азија), со седиште во Џакарта, е организација од десет економски и демографски потентни и перспективни држави, кои веќе низа години го свртуваат вниманието на светските центри на моќ. АСЕАН е една од најголемите организации во Азиско – тихоокеанскиот регион во кој живеат повеќе од 630 милиони жители, повеќе отколку во ЕУ.

Вкупниот БДП на АСЕАН изнесува, според податоците за 2014-та година, 2,57 трилиони долари. Во претходните 5 години трговската размена на Русија со таа организација двојно  се зголемила достигнувајќи во 2014-та година износ од 21,5 милијарди долари. Членки на АСЕАН се: Брунеи,  Индонезија,  Камбоџа,  Лаос,  Малезија,  Мјанмар, Филипини, Сингапур,  Тајланд и Виетнам.