Најавени блокади на граничните премини, автопатите и магистралните патишта

ВМРО-ДПМНЕ и во понеделникот продолжи со блокирањето на неколку крстосници низ Скопје во знак на револт поради политичкиот прогон, како што велат, кој го води власта предводена од СДСМ.

Грѓаните кои протестираат најавија дека блокадите ќе продолжат сѐ додека неправедно притворените не бидат ослободени.

„Како што веќе знаете, известена е јавноста дека ќе има блокади коишто ќе траат сѐ до ослободувањето на лицата кои што се неправедно затворени во врска со настаните од 27-ми април. Воедно сакаме да укажеме дека сме многу загрижени бидејќи состојбата на еден од притворените според нашите неофицијални информации е многу влошена, затоа што тој штрајкува со глад повеќе од 12 дена“, велат граѓаните кои протестираа во понеделникот.

Порачаа дека доколку власта не сопре со овој политички реваншизам, најавените блокади по сите крстосници во Скопје ќе продолжат и наредните денови.

„Доколку нема никаков слух од страна на власта, можно е тие блокади да се радикализираат во аспект на блокирање на гранични премини, на автопати, магистрални патишта низ цела Македонија“, рекоа.