Најбрзиот Македонец со нов рекорд и жестока победа на патеката

Македонската спортска гордост, Игор Стефановски – Иџе со победа ја почна одбраната на титулата во Европскиот шампионат на ридски патеки. “Летечкиот Иџе“ триумфира во групата Н на првата трка од новата сезона, а на асфалтот на Кол Сент Пјер кај француското градче Сен Жан Ду Гард постави нов рекорд на патеката за возила од неговата група.

,,Имавме перфектен викенд, се ни одеше како што треба. Знаев дека ќе решаваат нијанси, па решив да бидам агресивен од старт за да обезбедам предност пред конкурентите. По рекордот на патеката во првото возење, во второто и третото решив да возам без преголем ризик контролирајќи ги резултатите на конкурентите бидејќи знаев дека не можат да го спуштат своето време под три минути“, изјави Стефановски.

Сметајќи ги најдобрите две времиња од извозените три трки, Стефановски, со своето Mitsubishi Lancer Evo IX постигна вкупно време од 6:01.527 минути и се искачи на највисокото скалило на победничкиот подиум пред Хрватот Томислав Мухвиќ со 6:02.603 и Чехот Јири Лос со 6:03.606 минути.

Првата трка сезонава евидентно покажа дека разликите во времињата ќе бидат далеку помали од лани и дека нашиот ас го очекува напорна сезона.

,,Фактот што ние немаме услови да тренираме во меѓусезоната си го прави своето, па така ова ни беше воедно и прв сериозен тест за мене и возилото оваа година. Видливо е дека конкуренцијата е поподготвена од лани. Мухвиќ е многу брз и искусен возач, а Чесите за оваа сезона имаат некоја нова компонента гуми од Пирели кои ќе им бидат значителна предност. Сепак, нашиот план останува ист и ќе атакуваме на победа на секоја трка, но свесни сме дека ќе немаме можност ни за најмал кикс или опуштање“, додаде Иџе.

stefanovski stefanovski1