Најдено уште едно тело на Бистра, наредена обдукција

Најдено е уште едно мртво тело на падините на Бистра. Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар е на лице место и врши увид на локацијата во близина на селото Гари, каде што попладнево беше пронајдено уште едно мртво тело.

Како што информираат од ЈО на РМ, надлежниот обвинител веднаш издал наредба за обдукција на пронајденото тело, која ќе се врши на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија во Скопје.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство – Гостивар ги очекува резултатите од обдукцијата на првопронајдениот машки труп во распаѓање, за кого првичните сознанија упатуваа дека е еден од двете исчезнати лица – татко и син, по кои неколку дена интензивно се трагаше на Бистра, соопшти ЈО на РМ.

Оттаму прецизираат дека реултатите од обдукцијата треба да го утврдат точниот идентитет, како и да ги расветлат причините за смртта на двете лица.

По добивањето на официјалните резултати од Институт за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, Основното јавно обвинителство – Гостивар ќе ја информира јавноста.

Инаку денес полициски службеници пронашле тело на мртов маж на планината Бистра, на оддалеченост од околу половина километар од местото каде пред три дена беше пронајден машки труп во поодмината фаза на распаѓање.

Во јавноста откривањето на двете тела се поврзува со исчезнувaњето на татко и син Љубомир М.(78) и Сашо М.(50) од Скопје. Двајцата додека престојувале во семејна викендичка во селото Лазарополе, излегле на прошетка и од 14-ти јули по нив се трага.