Најдобрата филмска школа во Европа ќе го унапредува македонското образование

Најдобрата филмска школа во Европа ќе го унапредува македонското образование. Професори од петтата најстара филмска школа во светот, ФАМУ од Прага ќе предаваат на Институтот за филм во Охрид. Програмите се прилагодени специјално за оваа институција согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага, а ќе ги реализираат редовни, но и визитинг професори од Чешка.

На петтата најстара филмска и телевизиска школа во светот – ФАМУ, своето образование го стекнале еминентни личности од областа, како нашиот истакнат професор, режисер, продуцент и сценарист Иво Трајков, режисерите и писатели Јиржи Менцел, Милан Кундера, Милош Форман, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ и Вацлав Хавел.

За оваа тема и за повеќе други актуелни теми поврзани со македонското образование, во ексклузиво интервју за Нетпрес говореше заменик – министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Ристовски: Професори од петтата најстара филмска школа во светот ќе предаваат во Македонија
Ристовски: Професори од петтата најстара филмска школа во светот ќе предаваат во Македонија

Од оваа година во Охрид се отвора филмска академија. Институтот за филм ќе биде придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Воедно МОН доделува 20 целосни стипендии за студенти на оваа академија. Ако може прво нешто повеќе околу отворањето на овој Институт за филм, како и за условите и начинот на апликација за стипендии?

Во суштина, основањето на специјализирана високо образовна установа во областа на филмската продукција, која би била стационирана на македонско тло, но со интенција да прерасне во регионален едукативен центар е идеја иницирана уште пред 6-7 години, при една официјална посета на Прага од страна на македонскиот премиер, Никола Груевски кој побара петтата најстара филмска и телевизиска школа во светот – ФАМУ, каде своето образование го стекнале еминентни личности од областа, како нашиот истакнат професор, режисер, продуцент и сценарист Иво Трајков, режисерите и писатели Јиржи Менцел, Милан Кундера, Милош Форман, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ и Вацлав Хавел, да отвори дисперзирани студии кај нас, или пак, во најмала рака да започне соработка со некоја од нашите високо образовни установи. На наше задоволство, иницијативата беше прифатена и од чешкиот премиер и од раководството на ФАМУ и морам да напоменам дека оттогаш, многу труд и средства беа вложени за да денес, конечно добиеме Институт за филм, кој е лоциран во Охрид, не случајно туку стратешки, поради неговите особености во поглед на природното и културното наследство како извор на уметничка инспирација и творештво и поради традиционално воспоставените уметнички манифестации во градот и околината.

Во оваа прва година од функционирањето, Институтот за филм започнува со постдипломски студии на Катедрата за сценаристика и драматургија и Катедрата за креативна продукција. Програмите се прилагодени специјално за оваа институција согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага, а ќе ги реализираат редовни, но и визитинг професори од Чешка. Секако, во иднина понудата ќе биде дополнително надградена и проширена.

Уписите се веќе во тек и секој заинтересиран потенцијален кандидат од земјата и странство, може да аплицира преку пополнување на електронска пријава на веб страната www.filmacademyohrid.com, по што, стручниот тим на Институтот, односно Академијата ќе организира интервјуа и ќе изврши конечна селекција на идните студенти. Она што можам да го потврдам во овој момент е фактот дека спомената, официјална интернет страница во првите 2 дена има повеќе од 1.000 посети.

Имајќи во предвид дека се работи за нова високо образовна установа, во исклучително специфична област за овие простори и со релативно високи трошоци за студирање, Министерството за образование и наука одлучи за избраните студенти да додели дваесет целосни стипендии за студирање, за чиешто користење основен предуслов е кандидатот да е примен на оваа високо образовна установа. Сите дополнителни информации за останатите критериуми, како и за условите за доделување, може да се обезбедат на нашиот специјализиран интернет портал за стипендии – www.stipendii.mon.gov.mk.

Очекувам успешен старт на целиот овој, би рекол капитален проект со кој ќе ја зацврстиме позицијата на македонското образование на меѓународно ниво и со кој ќе дадеме еден дополнителен импулс на националната, но и на регионалната филмска индустрија.

Универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид ќе добие нови простории. Во тек е реконструкција на старата касарна, каде се планира да биде префрлена оваа високообразовна установа. Исто така, според најавите во рамки на овој Универзитет се планира и изградба на студентски кампус. Ако може нешто повеќе околу овој проект? Кога студентите што студираат на овој универзитет би можеле да очекуваат дека ќе се сместат во новите простории?

Охридскиот универзитет иако во суштина е петтиот и последен основан универзитет од страна на државата, за многу кратко време прерасна во современ центар за едукација, каде своето академско образование од областа на информатичките науки и технологии го стекнуваат македонски, но и студенти од многу други земји, чиишто број од година во година континуирано се зголемува. Така на пример, во 2009-та година кога започна со работа универзитетот, се запишаа околу 70-тина студенти, додека минатата година повеќе од 180.

Потребата од проширување и надградба на неговите инфраструктурни капацитети е повеќе од очигледна и токму во таа насока како Влада и Министерство одлучивме да инвестираме во обезбедување на нови простории, кои би биле лоцирани на едно место, на една локација, а таа локација е токму просторот на поранешната касарна Генерал Михајло Апостолски во Охрид.

Пред неколку денови бев во посета на објектот, со цел да направам увид во градежните активности и на мое лично задоволство засега работите се одвиваат според предвидената динамика во акцискиот план, кој е составен од три фази.

Првата, која воедно е и при крај, предвидува адаптација на еден прилично поголем објект, преку преградување, молерисување, поставување на нови прозорци, врати и нова електрична и грејна инсталација, за што досега се инвестирани повеќе од 40 милиони денари и истата очекуваме да заврши за отприлика еден месец.

Втората фаза предвидува адаптација на уште еден таков сличен по конструкција и квадратура објект. Третата предвидува изградба на амфитеатар, а дополнително, предвидено е и изградба на спортска сала, како и други спортски содржини, се разбира со поддршка на останатите владини институции и на локалната самоуправа.

Крајната цел е изградба на современ универзитетски кампус, по примерот на истакнатите земји од европскиот образовен простор, што како процес, имајќи ја во предвид комплексноста, но и големината на инвестицијата, ќе потрае извесен период. Во секој случај, плановите за овој универзитет се навистина големи и како што јавноста може да види, истите веќе се реализираат.

Ристовски: Последен пат пред 2006 година, ново училиште било изградено пред осамостојувањето
Ристовски: Последен пат пред 2006 година, ново училиште било изградено пред осамостојувањето

На почетокот на летото, најавивте темелна реконструкција на 30 основни и средни училишта во петнаесет општини во земјава, исто така во истиот период заврши изградбата на повеќе училишни згради. Кои се официјалните податоци, односно дали можете да ни кажете колку училишта беа реконструирани, а колку изградени во текот на летниот период?

Наша практика како Влада во изминатите неколку години е да изготвуваме годишен акциски план со одреден број на училишни објекти за кои е предвидена одредена инвестиција, односно активност, било тоа да е санација, делумна или целосна реконструкција, доградба или изградба на нов објект и тоа секаде, во сите општини, рурални и урбани средини кадешто има потреба од тоа. Вообичаено, ваквите акциски планови се реализираат за време на летниот период, кога трае распустот, за да нема нарушување на образовниот процес на дел од учениците, но доколку се работи за покрупни зафати, тогаш активностите продолжуваат и по започнување на учебната година.

Планот за оваа година, првично предвиде реконструкција и санација на 30 училишни објекти. Но потоа, со ребалансот на буџетот добивме дополнително средства за оваа намена и со цел, да излеземе во пресрет на што е можно повеќе локални самоуправи, односно што е можно повеќе ученици и наставници, бројката се зголеми на вкупно 45 објекти.  Дел од активностите веќе завршија, дел се во тек, а дел допрва ќе започнат.

Очекуваме акцискиот план да биде целосно заокружен некаде во првиот квартал на следната 2016-та година. Како резултат на заложбите на оваа Влада од 2006-та година до 2015-та година, изградени се 70 нови, додека реконструирани се 350 основни и средни училишта, за што инвестирани се околу 42 милиони евра. Заедно со четирите објекти кои се во фаза на градба, а тоа е новото средно училиште во општина Сарај, коешто очекуваме да биде готово на почетокот на месец декември годинава, а можеби и порано, потоа новото основно училиште „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода,  доградбата на основните „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче и „Васил Главинов“ во село Сливник во Велес, како и 45-те реконструкции, ќе стигнеме до бројката од вкупно 74 ново изградени училишни објекти и 395 реконструирани.

Доколку претходните владини гарнитури инвестираа во образовната инфраструктура барем приближно колку што се инвестира во денешно време, немаше да се доведеме во ситуација, во 21 век за жал, се уште да има училишта со минимум услови за настава. За потсетување, последен пат пред 2006 година, ново училиште било изградено пред осамостојувањето на нашата земја.

Премиерот Груевски најави темелни консултации за државната матура и за измените на Законот за Високото образование, но исто така повика на воздржаност, децата и нивните родители да не се користат за дневно политички цели. Измените на Законот за високо образование и за државната матура се одложени за септември 2016 година, дали ќе може да ни појасните накратко што тоа ќе значи.

Тоа значи дека Владата и понатаму предност дава на сеопфатниот дијалог и процесот на анализа и консултација со сите засегнати страни, со цел да се изнајдат оптималните и најприфатливи решенија. Имаме доволен период за дискусии, за разгледување на секоја добра понудена идеја, за секој добар предлог. Многупати сум напоменал дека сите сугестии, предлози и забелешки се добредојдени и дека сето тоа што е издржано и возможно да се спроведе, ќе се прифати и имплементира.

Но, многу е важно политиката целосно да се оттргне од образованието. Само на тој начин ќе можеме да постигнеме успех на патот за градење на современ, квалитетен и конкурентен образовен систем. За тоа, ценам дека има волја кај сите чинители. Сепак, до усвојување на нови решенија на сила останува актуелниот Закон за високо образование, како и стариот концепт за полагање на државна матура, според кој математиката не е задолжителен предмет. А во меѓувреме, и натаму ќе бидеме единствената земја во која за жал, се протестирало против учењето математика, иако научно е докажано дека се работи за материја која ги развива когнитивните вештини и центрите за логика кај секој поединец и претставува материја на која се оддава посебно внимание за напредок и промоција, во најголем дел од земјите во светот.

Ристовски: Многу е важно политиката целосно да се оттргне од образованието
Ристовски: Многу е важно политиката целосно да се оттргне од образованието

Со ребалансот на буџетот беше најавена целосна реконструкција на студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје. Дали можете да ни кажете како оди целиот процес, односно кога ќе се започне со реконструкција и кога се очекува истата конечно да биде завршена?

Реконструкцијата на студентскиот дом Гоце Делчев се реализира етапно, во неколку фази, со цел да има доволно расположлив капацитет, односно легла за сместувањето на студентите, процес кој исто така тече во моментов. И засега работите се одвиваат според предвиденото. Првата фаза, градежните работи за темелна реконструкција на блокот Б е целосно завршена, за што, досега се издвоени 1,5 милиони евра, а во тек е и постапка за набавка на опрема. Така што, некаде во текот на месец ноември, реновираниот блок Б ќе биде пуштен во употреба.

Потоа ќе следи реконструкција на останатите блокови, мензата и партерот, за што во текот на месец август се реализираше јавната набавка за изработка на проектно решение. Постапката за избор е во тек. Доколку е сé во ред, кон крајот на оваа година ќе ги имаме сите проекти за реконструкција на останатите делови и практично веднаш продолжуваме со активностите за реконструкција на следниот блок, од каде за време на градежните активности студентите ќе се префрлат во реновираниот, блок Б.

Целосната реконструкција за која според проценките ќе бидат инвестирани околу 6 милиони евра, како наше капитално ветување пред студентската популација и воопшто пред јавноста, а во насока на унапредување на студентскиот стандард, ќе биде заокружена во текот на 2017-та година.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.