Најдобриот млад научник за 2012-та имаше предавање во Народната канцеларија на претседателот Иванов во Скопје

Катерина Бачева, носител на признанието „Најдобар млад научник“ за 2012 година, што го доделува претседателот Ѓорге Иванов, вчера вечер одржа предавање во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје.

Пред присутните, д-р Бачева говореше на тема „Дистрибуција на тешки метали во примероци од животната средина во околината на рудникот Алшар“ и презентираше дел од резултатите добиени од истражувањето за нејзината докторска дисертација.

„Истражувањето на локалитетот Алшар за мене претставуваше голем предизвик. На тој мал простор се наоѓаат над 45  различни  минерали  од  арсен,  антимон и талиум, од кои 7 талиумови минерали се наоѓаат само на Алшар и никаде на друго место во светот. Во околината на Алшар постојат седум ендемски видови растенија, кои се адаптирале на специфичната животна средина. Навистина специфична тема која ми дава мотив и за натамошни истражувања“, вели д-р Бачева.

Доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“, по иницијатива на претседателот Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

„Според мене, иницијативите како што е доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“, претставуваат поттик за што е можно поголем број млади луѓе да се заинтересираат за научно-истражувачка дејност. Радува фактот што преку доделувањето на признанието се вреднува и наградува сиот наш труд како млади научници“, изјави д-р Бачева.

Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2013 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години кои во досегашната научна работа имаат постигнати научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат.

Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиена меѓународна награда, меѓународно или домашно признание за научно-истражувачка дејност, резултатите од научното истражување да биле објавени во релевантно домашно или меѓународно списание и да имаат своја применетост.

Апликацијата треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2013 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија.

 

Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31 декември 2013 година.