Најдобриот студент на медицина: Иднината ја гледам во Македонија

Александар дипломираше мината година и во моментот е на постдипломски студии во Торино, Италија. Во интервју за zdravstvo24.mkвели дека уште од мал сакал да биде лекар. Сеуште не се одлучил што ќе специјализира, но иднината ја гледа во Македонија. Сака да биде успешен лекар во својата земја.

На денот на здравјето добивте признание “Најдобар студент по медицина во 2014“. Како дојдовте до ова големо признание за студент?

Секоја година, 7-ми април, светскиот ден на здравјето традиционално го одбележува и Македонското лекарско друштво (МЛД). На манифестацијата, која годинава се одржа во хотелот “Холидеј Ин”, за своите заслуги добиваат повелби и плакети голем број на лекари, но исто така секоја година се доделува и признание за најдобар студент по медицина кој дипломирал претходната студиска година. Оваа година јас ја имав таа среќа да го добијам ова признание кое навистина многу ми значи затоа што на некојначин е доделено од мојот иден еснаф.

Откако знам за себе, секогаш сум сакал да студирам медицина и да станам лекар. Во различни периоди од мојот живот мотивот за тоа бил различен, но сега како млад човек од оваа гледна точка можам со сигурност да кажам дека основниот мотив затоа што сум ја избрал оваа професија е благородноста која истата ја носи во себе.

Како што најверојатно сите знаат студирањето на овој факултет не е ни малку лесно. Студиите траат долго, најголем дел од испитите се со голем квантум на материјал, па некогаш времето кое е потребно да се спреми некој таков голем испит се мери во месеци. За еден млад човек, кој секако во тоа време од својот живот сака да прави и други работи надвор од факултетот, некогаш е навистина тешко да се усогласи се она што сака да се постигне. Несомнено, студирањето медицина, бара голема посветеност и некогаш одложување на се друго во интерес на студиите. Но, задоволството да се изучува медицината и можноста да се помогне некому, во крајна мера шансата која како лекар секој од нас ќе ја има во иднина некому да спаси живот мислам дека ги оставаат на страна сите искушенија и во текот на студирањето и во текот на работата во иднина.

Која област од медицината најмногу го привлекува вашето внимание?

Доста интересно, но во исто време и многу тешко прашање, а претпоставувам и тешка одлука кога ќе треба да ја донесам во иднина. Сега за сега, она што доминантно ме интересира е кардиологијата и хематологијата од интернистичките полиња, но исто така многу ме привлекуваат и хируршките гранки. Доста интересна и наука во која гледам многу можности е исто така и патологијата. Сега за сега не би знаел конкретно да одговорам, а најверојатно текот на времето и околностите кои ќе се создадат во даден временски период ќе одлучат која ќе биде мојата идна област од потесен интерес. Но мое мислење е дека медицината се сака во целост, а не само одредени нејзини сегменти. Секако постојат области кои повеќе привлекуваат нечие внимнание од еден или друг апсект, но на крај мислам дека доколку работата како лекар се извршва совесно и со љубов се друго останува во втор план. На крајот на краиштата медицината е тимска работа. Неопходно е лекарите од разни специјалности да бидат во постојана соработка меѓу себе.

Кои се вашите планови за во иднина?

По мојот престој во Италија се надевам дека набргу после тоа ќе можам да почнам со специјализација. Би сакал и се надевам дека со многу труд би бил врвен специјалист во областа која ќе ја изберам. Мојата иднина сега за сега ја гледам во Македонија и би бил многу среќен доколку би можел да ги остварам своите замисли во својата земја

Целото интервју прочитајте го на zdravstvo24.mk