Најдобрите 14 студенти добија стипендии од ЕВН,ЕЛЕМ,МЕПСО

Најголемите енергетски компании во Македонија – АД ЕЛЕМ – Електрани на Македонија, ЕВН – Македонија и АД МЕПСО – и годинава доделија вкупно 14 стипендии на најдобрите студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Традицијата на поддржување на најдобрите студенти на ФЕИТ кои ќе добиваат стипендии до крајот на студиите доколку ја задржат минималната просечна оценка од 8.0 продолжува трета година по ред. Месечната стипендија за најдобрите студенти изнесува 6.000 денари. Компаниите ЕЛЕМ и МЕПСО доделуваат по 5, а ЕВН Македонија четири стипендии.

„Навистина ми е драго што овие енергетски компании ја продолжуваат традицијата на поддржување на најдобрите студенти на Факултетот. Со тоа го регрутираат најдобриот кадар од соодветната област, а истовремено, даваат огромна поддршка на студирањето како образовен процес. Успешната соработка со ЕЛЕМ, ЕВН и МЕПСО продолжува“, рече деканот на ФЕИТ, професор д-р Миле Станковски.

Стипендиите на студентите им ги доделија генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, Игор Гиевски, член на Управниот одбор на ЕВН Македонија АД Скопје и генералниот директор на АД МЕПСО, Синиша Спасов.
„Тоа што и годинава имавме силна конкуренција на апликанти, тоа што во конкуренција за стипендии се студенти со висок успех е доказ дека оваа акција веќе се препознава како позитивна општествена практика која ги мотивира студентите по електроенергетската насока. Горди сме што можеме да го потенцираме овој нов квалитет што го создаваа оваа тригодина практика. Ние и во иднина ќе продолжиме со стипендирање студенти“, потенцираше м-р Синиша Спасов, претседател на УО и генерален директор на АД МЕПСО.
Според генералниот директор на АД ЕЛЕМ, м-р Дејан Бошковски, општествено одговорните практики се дел од портфолиото на „Електрани на Македонија“.

„Во последните неколку години општествено одговорните практики се составен дел од корпоративното портфолио на „Електрани на Македонија“. Сметаме дека помагањето и поддршката на општеството е нераскинлив дел од развојот на целокупната општествена заедница, особено со активности кои директно го поттикнуваат унапредувањето на образованието и науката. И потенцирам дека токму во овие клупи, во овие амфитеатри, слушаат предавања и се здобиваат со знаење, идните двигатели на нашата земја, надежта за прогресивна и модерна Македонија“, нагласи Бошковски.

За ЕВН Македонија почнала да се остварува нивната стратегиска цел со стипендирање на најдобрите студенти на ФЕИТ.

„Нашата стратегиска цел почна да се остварува. Дел од нашите стипендисти веќе работат во ЕВН Македонија. Со тоа се остваруваат заложбите да поддржуваме и создаваме млади стручни кадри од електро енергетскиот сектор кои ќе бидат подготвени да го вклучат својот талент и знаење во развојот на нашата компанија. Нашата поддршка на образовниот процес на младите и развојот на нивната професионална кариера ќе продолжат понатаму“, изјави д-р Игор Гиевски, член на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Деканот на ФЕИТ додели благодарници за континуирана поддршка на образовниот процес во областа на електротенергетиката на АД ЕЛЕМ, ЕВН Македонија и на АД МЕПСО.