Најдобрите овошни рецепти за нега на лице

Грозјето ќе направи уморната кожа повторно да сјае, а кивито ќе и ја врати еластичноста. Маските од свежо овошје се подготвуваат брзо и лесно, а посебно се пријатни во текот на летото бидејќи ја освежуваат кожата. За да бидат што повеќе делотворни, најважно е да содржат состојки кои одговараат на вашиот тип кожа.

Сладок овошен третман

Кивито во борба против брчките

Ако сакате да имате еластична кожа и да го ублажите создавањето на брчките, маска од киви е најдобар избор за вас. Големата концентрација на витаминот Ц ја потикнува регенерацијата на кожата, па препорачливо е оваа маска да ја користите после 25 година и тоа еднаш месечно. Излупете го кивито и изгмечете го, исцедете го вишокот вода од смесата и додајте една лажичка мед, промешајте додека не добиете хомогена смеса, нанесете ја на лицето и оставете ја да делува околу 20 минути.

Грозјето ја омекнува кожата

Пилингот од грозје е одличен третман за омекнување на грубата кожа. Излупете неколку зрна од грозје и изгмечете ги со вилушка. Смесата процедете ја низ газа, а потоа со кружни потези, нанесете го на лицето она што останало на самата газа. На овој начин од површинскиот слој на кожата ќе ги отстраните изумрените клетки, а вашиот тен ќе изгледа меко и глатко.

Банана против уморна кожа

Ако работите во загушлива просторија, пушите цигари и сте хронично ненаспани, тогаш ве советуваме барем еднаш неделно на лицето да нанесете маска од банана. Овој тип на маска е богата со калиум, минерал кој на кожата и дава свеж изглед, а истовремено помага и во губење на отоците околу очите. Начинот на приготвување е ист како и со претходните примери. Изгмечете една банана и потоа смесата нанесете ја на лицето. Оставете ја маската да делува 15 минути, а потоа отстранете ја со памук и млака вода. Ако во смесата со изгмечената банана додадете сок од еден лимон, ќе добиете одличен препарат за подмладување на кожата.