Најдоцна до 16 јуни Македонија ќе добие нова влада

Најдоцна до 17 мај или најмногу 20 дена по одржувањето на изборите треба да се конституира новиот собраниски состав.
Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите, односно на 18 мај 2014 година. Седницата во таков случај ја свикува најстариот по години избран пратеник.

Мандатот на новоизбраните пратеници почнува да тече од конститутивната седница на Собранието.

Мандатарот од партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, треба да биде избрана во Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, најдоцна до 16 јуни.

Собранието може да се конституира, независно од евентуалната одлука на СДСМ да ги врати пратеничките мандатите.

Пратениците во Собранието уживаат имунитет и  не може да бидат повикан на кривична одговорност или да бидат притворени за искажано мислење или за гласање во Собранието. Не може да бидат притворени без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.