Економија

Најголемиот Буџет во историјата на Македонија ќе се финансира со задолжување од дури 854 милиони евра

Најголемиот Буџет во историјата на Македонија ќе се финансира со задолжување од дури 854 милиони евра
(Фото: МИА)

Владата објави дека следната година планира да се задолжи 854.29 милиони евра дома и во странство. Во Предлог буџетот за 2018 година пишува дека Владата ќе зајми од странство 566.5 милиони евра, што значи дека се прават подготовки за еврообврзница од над пола милијарда евра. Преку аукции на домашен пазар Владата планира во 2018 година да се задолжи близу 300 милиони евра, пишува порталот Економски.

Буџетскиот дефицит за следната година и покрај најавите на Владата за фискална консолидација е планиран на 294 милиони евра минус во државната каса, односно апсолутниот износ е повисок од претходните години.

Економските аналитичари велат дека иако Владата сака да претстави дека работи на намалување на дефицитот и направи фискална консолидација, тоа реално не е така бидејќи со нови давачки од граѓаните ја пумпа приходната страна.

Буџетот за 2018 година со 3.4 милијарди евра е најголем буџет во историјата на Република Македонија. Економистите коментираат дека не може да се каже дека буџетот има развојна компонента бидејќи нема ниту еден нов капитален проект предвиден со него. За сметка на тоа напумпана е ставката за плати на администрацијата.

Интересно е и дека Владата, иако од опозиција го критикуваше проектот Купи куќа купи стан, поради огромен интерес од граѓаните за овој проект на Владата на ВМРО ДПМНЕ,предвидува да го продолжи и следната година.