Најголемиот проблем при откупот е влажноста на тутунот

За првите две недели од почетокот на откупот на тутунот досега откупени се 3,3 илјади тони тутун по просечна цена од 121 денар.

Најголем проблем при откупот и проценката на тутунот е неговата влажност, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков по денешната средба во Министерството со претставници на тутунопроизводителите, на откупувачите и на Инспекторатот за земјоделство.

– Во овој откуп најголем проблем беше влажноста на тутунот од причини што времето беше доста влажно, немаше доволно сонце оваа година и сега при откупот имаше и доста магла, така што најголем проблем со кој се соочија тутунарите при предавањето на тутунот е влагата која што ја има во тутунот. Согласно Законот, до 20 отсто влага во тутунот се признава. Откупните претпријатија толерираа и до 25 отсто, а се она над 25 отсто се враќаше и при тоа враќање настануваа проблемите. Оваа сезона и квалитетот на тутунот е доста понизок и е намален за една класа, а најспорна е четвртата класа за тоа дали да се прими или да не се прими, рече Цветков.

Тој информира дека за сите овие проблеми станало збор на денешната средба и притоа е договорено со цел да се смалат тензиите и тутунарите да не чекаат по неколку дена за да го предадат тутунот, да има проток на информации помеѓу откупните претпријатија и тутунарите и таа да биде на повисоко ниво, а со цел секој оној што го предава тутунот да знае кога и како ќе го предаде.

Според министерот, договорено е да се информираат тутунарите кога да ја предадат целата количина на тутунот. Во ситуации кога тутунот им се враќа поради влажност да им се каже кога да го предадат откако ќе го исушат. Договорено е и откупните претпријатија на огласна табла да напишат за колку дена ќе се пролонгира динамиката на откупување на тутунот со цел да не чекаат тутунарите на откупните пунктови. За четвртата класа тутун доколку проценителот и тутунопроизводителот не се согласуваат во однос на проценката ќе решава второстепена комисија која во рок од 24 часа ќе донесе одлука и таа ќе биде конечна.

Како што информира Цветков, за да не се дојде во ситуација да биде земен тутунот, а да не им се исплати на тутунарите, со откупните претпријатија разговарано е и за средствата коишто треба да ги обезбедат за откуп на тутунот во согласност со законот, така што во тој правец се договориле да изнајдат начини и решенија за тие средства да се обезбедат, а самите откупни претпријатија да не се излагаат на трошкови за обезбедување на тие средства.

Во однос на вишокот на тутун исто така било разговарано на денешната средба за што е договорено до крајот на јануари тутунопроизводителите кога ќе го предаваат тутунот којшто е договорен да го пријават и вишокот на тутун.

– До крајот на јануари ќе имаме состанок каде од прилика ќе ги имаме вишокот на количини и ќе се договориме која фирма колку ќе откупува, Така што има заинтересираност од откупните претпријатија да го откупат и овој тутун, а и ние сме за тоа да се откупи овој тутун, рече Цветков.

Данчо Милески, претседател на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители изрази надеж дека на денешниот состанок ќе се надмине проблемот со откупот на четвртата класа на тутунот каде што вели дека има враќање и на тутунот којшто е оценет под 60 отсто во однос на квалитетот. Во однос на просечната цена на тутунот очекува таа да се промени до крајот на откупот со оглед дека според досегашните сознанија има тутун кој е откупен по 80 денари за килограм, но и по цена од 190 денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.