Најинтересни прашања од граѓаните до институциите: Како да пренесам измет од коњ преку граница?

Дали во случај кога веќе користиме детски додаток, документите треба да се поднесат одново кога ќе се роди уште едно дете во семејството и колку изнесува детскиот додаток за две деца?Дали заработките од волонтерската работа треба да ги пријавам во годишната даночна пријава? Kои документи се потребни за да се добие одобрение за градба и кои се трошоците? Kако да испратам измет од коњ на лабораториски анализи во странство? Овие, а и многу други прашања се дел од најчестите, а некои и од најнеобични прашања упатени од граѓаните до државните институции во потрага по одговор на некој нивни проблем, пишува „Дневник“.

Весникот прегледа интернет-страниците на државните институции со цел да се утврди штои се’ прашувале граѓаните изминатата година и колку тоа им помогнало во решавањето на нивниот проблем.

Вниманието најмногу го привлекоа прашањата упатени до Царинската управа. На нашата топ-листа убедливо првото место или хит на годината го зазеде следното прашање:

„Почитувани. Треба да се испрати измет од коњ како примерок за лабораториска анализа. Примерокот не преставува заразна или инфективна материја и ќе има симболична проформа-вредност. Ве молам, да ми помогнете за тарифниот број како би ги дефинирале потребните документи и услови за извоз. Благодарам“. Од стручните служби на царината граѓанинот добил одговор под кој тарифен број е таа стока и како може да се пренесе преку граница.

Друг граѓанин ја прашува Царинската управа како да увезе „ајфон“ од Kина:

„Здраво, во царинската филијала ’Пошта’ ми беа одземени два мобилни телефона „ајфон“. Имам документ дека ми се одземаат поради нарушување на интелектуална сопственост. За телефоните ми се јавува испраќачот од Kина и сака да ми ги врати парите, па, ве молам, ако ми ги пушти уште еднаш, дали ќе ги заплените. Поздрав“.

А царината е конкретна во одговорот, односно му укажува дека може да заработи и казна ако уште еднаш се обиде да увезе фалсификуван „ајфон“.

„Спроведувајќи го Законот за царинските мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, царинскиот орган во соодветна царинска постапка, доколку привремено задржал стока, за која се сомнева дека повредува право од интелектуална сопственост, по утврдување на фалсификатот од страна на носителот на правото, стоката не смее да се врати и да се пушти во слободен промет или да се извезе. Стока за која ќе се потврди дека повредува право од интелектуална сопственост се уништува. Исто така, царинскиот орган може да утврди и царински прекршок доколку втор пат ист субјект пријавува стока за која ќе се утврди дека е фалсификат. Освен тоа, носителот на правото може да поднесе и приватна тужба против увозникот или испраќачот“, стои во одговорот од Царината.

Од постапки за легализација на дивоградби, вадење разни одобренија, до барања за објаснување начин како да се стекнат со некое право, односно од тоа како можат синтисајзер, гитара или телевизор да внесат во земјава и колку ќе ги чини, па до колкава вредност на стоката може да се внесе од странство без царина, како да увезат половно возило, дали и како може да се стекнат со правото да добиваат детски додаток, дали исплатите на надоместоци за трошоците за користење сопствен автомобил или студентските школарини подлежат на обврска за плаќање персонален данок. 
Интересно дека изобилуваат и прашања за голем дел од проектите што беа воведени како новини изминатите години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.