Најмалку 11 убиени во напад на бомбаш самоубиец во Кабул

Најмалку 11 луѓе се убиени а уште 25 други се ранети во експлозија предизвикана од бомбаш самоубиец во авганистанската престолнина Кабул во четвртокот навечер, пренесуваат агенциите.

Меѓу ранетите се десет полицајци, а инцидентот се случил во близина на мобилен контролен пункт во станбена населба во близина на центарот на Кабул, изјавил портпаролот на градската полиција Базир Муџахид.

Локалната телевизија ToloNews, повикувајќи се на очевидци, пренесува дека во нападот биле убиени најмалку десет луѓе.

Бомбашот се разнел откако ѝ се приближил на групата полицајци кои спроведувале операција за откривање дрога и продажба на алкохол во кабулската населба во близина на амбасадата на САД. Претходно минатата година лица од мисијата на Европската унија и други организации беа обвинети за илегална продажба на алкохол што е забрането во Авганистан, а е дозволено само во ограничени количества за членовите на дипломатските мисии и на службеници на странски компании.

Портпаролот на министерството за здравство Вагудила Маџрох изјави дека 15 лица се повредени се превезени во градските болници. Италијанската невладина организација Emergency која држи болница во Кабул на својот профил на Twitter објави дека околу 20 лица ранети во експлозијата се донесени во болницата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.