Најмалку 120 загинати за три дена во судирите со талибанците

Најмалку 100 полицајци и војници како и 20 цивили се убиени во судирите меѓу припадници на авганистанските безбедносни сили и талибанците во Газни, во источниот дел на земјата, соопшти денеска Министерството за одбрана на Авганистан.

Генералот Тарек Шах Бахрами ја објави оваа информација на прес-конференција, на четвртиот ден од конфликтот во Газни, главниот град на истоимената провинција.

Бахрами рече дека точниот број на жртви се уште не е утврден и дека оваа бројка најверојатно ќе се промени.

Во исто време, авганистанскиот министер за внатрешни работи, Ваис Ахмад Бармак рече дека меѓу загинатите речиси 70 се полицајци.

Талибанците во петокот започнаа голем напад врз Газни, окупирајќи некои делови од градот.

Министерот за одбрана рече дека околу 1.000 дополнителни безбедносни сили биле испратени во Газни, спречувајќи градот да не падне во рацете на талибанците.

Според него, 194 бунтовници загинале во конфликтот, вклучувајќи и 12 лидери, меѓу кои и пакистански, чеченски и арапски странски борци, објави АП.