Најмалку 15 загинати во напад врз болницата во Доњецк

Болницата во Доњецк, на истокот на Украина, денеска е погодена со артилериска граната, при што најмалку 15 лица се убиени и има голем број повредени, јави „Раша тудеј“ (РТ).

– Во болницата има повеќе жртви. Според првичните податоци, повеќе од 15 лица погинаа, изјави локален претставник, кој нагласи дека болница е во пламен.

Во гранатирањето се повредени и голем број луѓе, наведе Роман Косарев, дописникот на РТ од Доњецк, пренесува МИА.

Во овој пладневен артилериски напад оштетени се и една станбена зграда во близината и високонапонски далновод, па сега целиот регион е без струја.

Градскиот совет претходно со соопштение наведе дека дистриктот Текстилшчик во Доњецк денеска на пладне е гранатиран и дека една од гранатите паднала врз локалната болница.

Доњецк, што се наоѓа под контрола на проруските сили, секојдневно е под удар на украинската артилерија и нападите продолжија и во текот на „тенкото“ примирје, што беше прогласено во септември, а борбите беа интензивирани во јануари, кога пропадна примирјето.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.